„Документирање на ефектот што регресивното македонско законодавство и ограничувачките политики за абортус го имаат врз човековите права: клучни наоди и препораки“ ги истражува ефектот и последиците од донесувањето на постојниот Закон за прекинување на бременоста во 2013 година, со кој се воведоа ограничувачки законски одредби и се отежна пристапот до безбеден и легален абортус во Македонија.
Негативниот ефект на постојната законска регулатива го потврдуваат низа лични искуства и ставови добиени преку анонимни интервјуа со четиринаесет чинители од Битола, Куманово и Скопје, односно седум жени кои направиле абортус по воведувањето на новите законски услови, двајца гинеколози, еден социолог, еден социјален работник и тројца претставници на невладини организации.
Истражувањето ги сумира клучните наоди, но дава и препораки кои би требало да се земат предвид при измената на Законот за прекинување на бременоста, што произлегува како неопходна потреба од документираните искуства.
Овој документ е резултат на четиримесечната соработка помеѓу Х.Е.Р.А. и Центарот за репродуктивни права и е достапен на македонски, албански и англиски јазик.