По повод 28 септември – Меѓународниот ден за акција за пристап до безбеден и легален абортус, Платформата за родова еднаквост денеска одржа Стручна расправа и консултации со експертската јавност „Абортусот не е безбеден доколку е маратон со пречки“.
Организирана со цел да отвори широка дебата меѓу експертската јавност за измени на постојниот Закон за прекинување на бременоста, односно негово усогласување со човековите права и јавно-здравствените стандарди, стручната расправа ги претстави и клучните наоди и препораки од истражувањето „Документирање на ефектот што регресивното македонско законодавство и ограничувачките политики за абортус го имаат врз човековите права“, неодамна спроведено од Х.Е.Р.А. и Центарот за репродуктивни права.
Над 30 претставници на граѓанскиот сектор, стручната фела и надлежните институции, меѓу кои и советникот за здравство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Венко Филипче и заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски се согласија околу неопходната потреба од подобрување на ретроградниот Закон и ги поддржаа барањата коишто Платформата за родова еднаквост ќе ги упати до Владата на Република Македонија и до Министерството за здравство:
Изразената политичка волја за решавање на ова горливо прашање и за суштинско подобрување на грижата за женското здравје охрабрува дека конечно во Република Македонија ќе има закон за прекинување на бременоста којшто ќе ги гарантира суверенитетот на жената врз нејзиното тело и нејзиното право на избор.
28 септември 2017 г.