Меѓународниот ден на контрацепција, кој глобално се одбележува секој 26 септември од 2007 година наваму, годинава ХЕРА го одбележи со трибина на тема „Младите бараат она што им следува – пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје“. Трибината се одржи на 26 септември (вторник) од 11.00 до 13.00 часот во хотел „Холидеј ин“.
Преку промоција на видеото „Младите го бараат она што им следува – пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје“, кое укажува на дел од секојдневните предизвици со кои се соочуваат младите во Македонија и панел-дискусија со донесувачи на одлуки, стручни лица и претставници на надлежни институции, трибината повторно го актуелизира прашањето за олеснување на пристапот до модерна контрацепција во Македонија.
Потребата од пристапна и достапна модерна контрацепција го поткрепуваат и статистичките податоци, според кои Македонија и понатаму е една од европските земји каде што модерната контрацепција не е воопшто популарна: само 1,6% од младите до 29 години користат орална контрацепција, а само 12,8 од паровите користат какво било модерно средство на контрацепција. Порастот на случаите на хламидија, бременост и абортуси меѓу тинејџерите недвосмислено упатува на недоволната информираност за постојните методи на контрацепција и за нивното дејство кај оваа возрасна група, но и на отежнатиот пристап до контрацепција, недостигот на финансиски средства, недоволно функционалните младински центри за сексуално и репродуктивно здравје и на стравот од осуда.
Според истражување на ХЕРА и УНФПА за цените на контрацептивните средства на пазарот, би биле потребни 73.000 долари за да се задоволат потребите на сите млади во Македонија на годишно ниво, од кои 60% би биле наменети за кондоми, 30% за орална контрацепција, а 10% за итна контрацепција.
Споделените предизвици, коментари и барања на трибината ги потврдуваат препораките што ги донесе Комитетот на ОН за економски, социјални и културни права за Македонија во 2016 година:
- Информациите за сексуалното и репродуктивното здравје да бидат достапни за јавноста, најмногу за младите; да се подобри едукацијата во училиштата од областа на сексуалното и репродуктивното здравје – базирано на најнови информации, соодветно за возраста и базирано на почитување на човековите права.
- Модерната контрацепција да биде достапна и пристапна за сите, што значи и додавање на контрацептивните средства на позитивната листа на лекови опфатени од Фондот за здравствено осигурување.
Токму затоа, и годинава младите го побараа она што им следува, а тоа е орална контрацепција на позитивната листа, пристап до бесплатни кондоми, сеопфатно сексуално образование во училиштата и функционални и пријателски настроени младински центри за сексуално и репродуктивно здравје – за сите млади низ целата земја.