Денеска низ светот се одбележува 28 септември – Меѓународниот ден за акција за пристап до безбеден и легален абортус. Поттикната од драстичното уназадување на сексуалните и репродуктивните права низ светот, што најдобро го илустрира американската политика на глобално замолчување, Женската глобална мрежа за репродуктивни права им ја посветува годинешната глобална кампања за 28 септември на сите коишто истрајуваат – лично или заеднички – во борбата за пристап до безбеден и легален абортус.
Четиринаесет членки на Платформата за родова еднаквост, меѓу кои и ХЕРА, и годинава се приклучуваат кон глобалната кампања затоа што жената во Македонија сè уште не одлучува сама за своето тело и здравје. Постојниот Закон за прекинување на бременоста, кој стапи во сила во 2013 година, и понатаму го отежнува пристапот до безбеден и легален абортус и со тоа значително ги загрозува здравјето и животот на жената.
Сè побројни се личните сведоштва коишто потврдуваат дека жената во Македонија нема право на пристап до безбеден абортус, а со самото тоа ни суверенитет врз сопственото тело – што инаку е гарантирано со Устав – но и кои укажуваат дека стравот од стигматизација слабее.
Оттука, ХЕРА ги повикува сите жени коишто при остварувањето на загарантираното право за абортус се соочиле со пречки и неправилности или мислат дека нивното достоинство било нарушено, да нè контактираат за медицинска, психо-социјална и правна поддршка.
Борбата за пристап до безбеден и легален абортус не е завршена: тука сме и ќе ја истераме!
28 септември 2017 г.