Јавниот повик до граѓански организации за доделување грантови во областа на социјалното претприемништво побуди голем интерес и отвори низа прашања. По инфо-сесиите што ги одржавме во Скопје и Битола, направивме список на најчесто поставуваните прашања кон кој ги додадовме и оние пратени по е-пошта.
1. Дали при поднесување на апликацијата, мора да се достават сите наведени пропратни документи или може и по завршувањеto на повикот, доколку сме избрани?
– При поднесување на апликацијата мора да се достават сите потребни документи наведени во Делот 6 од Упатството за аплицирање. Пред евалуацијата на проектните идеи, примените апликации подлежат на административна проверка и проверка на подобност. Апликациите мора да ги исполнат условите наведени во Листата за административна проверка и проверка на подобност во делот 2.1.2. Административна проверка и проверка на подобност од Упатството за аплицирање. Апликациите кои нема да ја поминат административната проверка, нема да влезат во процесот за понатамошна евалуација.
2. Нашата организација е официјално регистрирана во октомври 2017 година, но поради немање закон и регулатива да се регистрираме како социјално претпријатие, тоа го направивме во форма на занаетчија. Занаетчија не се смета за граѓанска организација, па оттука произлегува прашањето дали може да аплицираме ако сме регистрирани како занаетчија?
– Подобни за повикот се само невладини организации регистрирани според Законот за здруженија и фондации, најмалку една година пред објавувањето на овој повик, во улога на апликанти и ко-апликанти. Останатите домашни ентитети можат да бидат вклучени како соработници и суб-контрактори. Повеќе околу подобноста може да прочитате во Делот 2.1. Критериум за подобност; 2.1.1. Кој може да аплицира? во Упатството за аплицирање.
3. Дали Ром(к)ите мора да бидат вработени во социјалните претпријатија?
– На крајот од имплементацијата на проектите се очекува дел од целната група да биде интегрирана во социјалните претпријатија преку нивно работно ангажирање што во текот на три години треба да доведе до редовно вработување.
4. Дали соработниците треба да потпишат Меморандум за соработка?
– Согласно Упатството за аплицирање, треба да се пополни Изјава за поддршка од соработникот, достапна во објавениот повик.
5. Дали може да се вклучат странски ентитети како соработници?
– Сите ентитети во повикот, вклучително и соработниците, треба да бидат домашни ентитети што се регистрирани и делуваат во земјата. Во процесот на одобрување на средства не е дозволено да има странски ентитети, согласно условите наведени во Упатството за аплицирање. Доколку сакате да остварите соработка со странски ентитети (дипломатски и конзуларни претставништва), тие може да се вклучат во имплементацијата на проектите, но по склучувањето на договорот.
6. Дали една организација од еден регион може да аплицира со друга организација од друг регион?
– Се охрабруваат организациите да склучуваат партнерства со други организации и правни ентитети. Согласно Делот 1.7. од Упатството за аплицирање, „предлог-проектите треба да се однесуваат на решавање проблеми на локално ниво. Специфично, предлозите треба да се однесуваат на лица од ромската заедница во коишто делува ГО. Влијание на национално ниво не е исклучено.” Ваквите партнерства се очекува да дадат регионално или национално влијание.
7. Што ако по обуката лицата се откажат?
– Тој факт се наведува во деловите 4.2. СВОТ анализа и 4.3. Критични области на работењето и можни решенија во Планот за развој на социјално претпријатие и се очекува да дадете можни решенија како ќе ја надминете оваа закана/критична област.
8. Дали буџетот за проектот и бизнис-планот се поврзани?
– Во Планот за развој на социјално претпријатие (бизнис-план), во Делот 9. Финансиски аспекти на работењето (Приходи, расходи, профит) се бара буџетско предвидување за три години. Буџетот на проектот покрива трошоци за една година. Оттука, од апликантите се очекува дел од трошоците предвидени во бизнис-планот да бидат предвидат од буџетот за проектот за една година. Исто така, се очекува во втората и третата година претпријатието да почне да остварува сопствен приход.
9. Дали организацијата може да кофинансира и повеќе од 10%?
– Согласно Упатството за аплицирање, во Делот 1.9. Кофинансирање, е наведено: „Кофинансирање не е задолжително, но се охрабрува. Доколку апликантот прикаже сопствени парични средства или средства од друг донатор, ќе се смета за додадена вредност и дополнително ќе се бодува. Дозволено е минимум 5%, а максимум 10% кофинансирање од побараната сума за проектот. Придонес во добра не се смета за кофинансирање.”
10. Дали може да аплицираме ако нашата организација не е регистрирана точно една година од денот на објавување на овој повик?
– Согласно Упатството за аплицирање во Делот 2.1.1. Кој може да аплицира?, апликанти можат да бидат сите заинтересирани домашни граѓански организации формирани согласно Законот за здруженија и фондации што се регистрирани најмалку една година пред објавата на овој повик. Истите критериуми важат и за ко-апликантите.
11. Дали за суб-контрактори можат да се јават експертски лица?
– Согласно Упатството за аплицирање, суб-контрактори може да бидат правни лица регистрирани најмалку две години пред објавата на овој повик и со активен статус. Доколку експертите даваат поддршка преку правен субјект (фирма), тогаш треба да се следат правилата за суб-контрактирање. Експертските лица, доколку се физички лица, се предвидуваат во буџетот на проектот и треба да бидат врзани со одредена активност преку која ќе ја дадат услугата.
12. Дали повикот се однесува само за невладини организации регистрирани на територијата на град Скопје?
– Повикот е отворен за сите невладини организации од Македонија што ги исполнуваат наведените критериуми. Организациите треба да делуваат локално во заедницата/општината во која се регистрирани. На пример, нашата организација преку проектот „Отвораме можности“ делува на локално ниво т.е. на ниво на Град Скопје и вклучува долгорочно невработени Роми од локалната ромска заедница.
13. Дали општините може да се вклучат како соработници?
– Согласно Упатството за аплицирање, соработници може да бидат правни лица што не се граѓански организации (пр. бизнис-субјекти, мали или средни претпријатија, државни институции, локални самоуправи, јавни и други установи итн.). Сите соработници се правни лица регистрирани во земјава најмалку една година пред објавувањето на повикот.
14. Дали се дозволени пренамени?
– Во фаза на евалуација на апликациите, пренамена по барање на апликантите не е дозволена. Доколку станува збор за пренамени по одобрувањето на проектите, тие ќе бидат дозволени и ќе се одвиваат согласно потпишаниот Договор за регрантирање помеѓу ХЕРА и организациите.
15. Дали доколку го добиеме проектот, мора да отвориме посебна сметка за префрлање на средствата?
– Да. За полесно следење на трошоците на донаторот, ХЕРА ќе бара од регрантираните организации да отворат посебна жиро-сметка за проектот.
16. Дали организација со седиште во Скопје која со години работи на друга територија на Македонија може да се јави на повикот?
– Доколку организацијата покаже оправданост и позадина на своето работење за регионот за којшто аплицира, а тој не се совпаѓа со седиштето на организацијата, може да се јави на повикот. Тој дел се образложува во Образецот за пријавување.
17. Дали на повикот може да се пријават мали и средни бизнис-претпријатија?
– На повикот може да аплицираат само невладини организации, како апликанти и ко-апликанти, регистрирани според Законот за здруженија и фондации најмалку една година пред распишувањето на овој повик. Останатите правни ентитети, вклучително и мали и средни претпријатија, може да аплицираат како соработници или суб-контрактори.
Информациите околу критериумите за подобност на суб-контракторите и соработниците ќе ги најдете во Упатството за аплицирање во Делот 2.1. Критериум за подобност, 2.1.1. Кој може да аплицира?. Документите се достапни на официјалната страница на ХЕРА.
18. Дали средствата се повратни?
– Средствата се неповратни. Менаџирањето на малите грантови е врз основа на регулативните на Република Македонија и Европската Унија.
19. Кој ги потпишува документите?
– Документите треба да бидат официјално и лично потпишани од овластените потписници на организацијата (пр. претседател, извршен директор итн.).
20. Во Упатството за доделување грантови се спомнуваат и други маргинализирани групи. Дали може да аплицираат граѓански организации кои работат со лица со попреченост? Дали повикот е за одредени општини или не, и дали се однесува само за Роми или и за други маргинализирани групи?
– Што се однесува до целните групи, апликацијата треба да вклучи првенствено Роми. Но доколку организациите сакаат да вклучат и останати лица од маргинализирани заедници (лица кои живеат со ХИВ, корисници на дроги, лица со попреченост, сексуални работници, итн.), покрај лицата од ромската заедница, слободно можат да го направат тоа.
Што се однесува до локацијата: повикот е отворен за сите невладини организации од целата држава. Организациите, преку акциите, треба да делуваат локално во општината. На пример, нашата организација преку проектот „Отвораме можности“ делува на локално ниво т.е. на ниво на Град Скопје и вклучува долгорочно невработени Роми од локалната ромска заедница.
21. Како отвореното социјално претпријатие би ги наплаќало своите услуги на дневна основа, односно дали е потребно да издава фискални сметки? Како би се извело тоа кога станува збор за невладина организација?
– За ова прашање ќе треба да се обратите кај Вашиот овластен сметководител.
22. Дали до завршувањето на проектот претпријатието треба да е формирано/отворено и да има отпочнато со работа? Дали, всушност, е задолжително неговото формирање или постои можност и да не се формира доколку во текот на реализирање на проектот со одредени истражувања се утврди дека не би ги дало посакуваните резултати и ефикасност или се појават друг вид на пречки?
– Според Формуларот за аплицирање, апликантот дава предвидување за тригодишното работење на претпријатието. Грантот покрива една година. Вработувањето го предвидувате согласно планот за развој на социјалното претпријатие, а временски, тоа зависи од Вашата идеја. Претпријатието се формира во рамки на невладината организација, што значи дека по завршувањето на проектот, тоа треба да продолжи да функционира во рамки на здружението. Во оној момент кога ќе почне да остварува профит и кога станува ДДВ обврзник, претпријатието ќе треба да земе друга правна форма од типот на мало претпријатие, но по критериумите карактеристични за едно социјално претпријатие.
Во однос на посакуваните резултати и ефикасноста, односно дали е претпријатието одржливо или не по завршувањето на грантот – тоа ќе го покаже планот на социјалното претпријатие. Евалуационата комисија врз основа на планот и стручната проценка ќе увиди кое претпријатија би имало капацитет за натамошен развој, што е и еден од критериумите за добивањето на средствата, кои инаку се доделуваат неповратно.
Одговорите на прашањата околу социјално претприемништво кои не се директно поврзани со повикот можете да ги најдете во Прирачникот за социјално претприемништво и во Анализата за развој на социјални претпријатија.
23. Дали соработката со Град Скопје е задолжителна? Дали може да се креира проектна идеја за друг регион, „но и да се изгради партнерство со Градот Скопје“? Не е јасно од повикот дали ќе има одговори во форма на пишан документ кој би бил составен дел од критериумите на повикот?
– Соработка со општините се поттикнува и охрабрува и тоа не само со Град Скопје, туку и со останатите општини. Доколку сте, на пример, од Битола, имате право да барате соработка со Општина Битола. Град Скопје е ставен како приоритет бидејќи самиот проект е насочен и делува на локално ниво (Скопје). Можни се и регионални партнерства помеѓу две локални самоуправи и невладини организации од двете општини. Повикот е широко поставен.
Во однос на вториот дел од прашањето, прочитајте повеќе во Упатството за аплицирање во Делот 2.3. Дополнителни прашања и информации: „Дополнителни прашања поврзани со повикот можат да се постават на hera@hera.org.mk со назнака: „Прашање за Повик за доделување грантови“ најдоцна до 20.01.2019 година до 16 часот. Електронски поставените прашања и одговори ќе бидат достапни на www.hera.org.mk.”
Овој документ ќе биде достапен од самиот почеток на февруари, и во него ќе бидат интегрирани сите прашања поставени по маил и директно на инфо сесиите во Скопје и Битола.
24. Почитувани, не ми е јасно кој сѐ може да се пријави за грант и за кои цели?
– Одговорот ќе го најдете во Делот 1.2.1. во Упатството за аплицирање.
25. Дали граѓанските организации кои ќе се јават на овој повик, се ограничени во некоја сфера на дејствување (на пример, дали би имале предност организации кои се занимаваат со истражување или со здравствена едукација како ХЕРА или, пак, може да аплицираат организации од секоја област)?
– Во однос на проектите идеи, немаме надлежност. Идејата за формирање на социјалните претпријатија ја носат самите апликанти.
Се очекува организациите да поднесуваат проекти идеи за социјални претпријатија од областа во која самите делуваат. На пример, од организација која работи во областа на образованието, очекуваме идеја за креирање социјално претпријатие во таа насока. Нема приоретизација врз основа на дејноста и областа во којашто делува организацијата.
Целната група (првенствено Ромите) може да биде вклучена во едукативни процеси и обуки за стекнување одредени вештини и нивно сертифицирање, но она што се очекува од грантистите е тие лица подоцна да ги вклучат во социјалните препратија преку нивно работно ангажирање, а понатаму и преку вработување.