ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување отвора Конкурс за обука на обучувачи/експертски лица во областа на социјалното претприемништво. Експертските лица ќе бидат обучени за потребите на проектот „Отвораме можности“, поддржан од Европската комисија во рамки на ИПА Програмата за граѓанско општество и медиуми 2016-2017.
За обуката:
Целта на ХЕРА е да формира тим од експерти/консултанти/обучувачи кои ќе го унапредат социјалното претприемништво и ќе им бидат на располагање на сите заинтересирани за отворање социјални претпријатија. Крајната цел е тимот од експерти да прерасне во ресурсен центар за обучување којшто ќе дава услуги при менаџирање на претпријатие (маркетинг-услуги, истражувања, сметководствени услуги, пишување проекти, обуки, раководење, правно регулирање на ентитети, итн.) по принципот на социјално претпријатие.
Обуката ги опфаќа и поврзува темите на еко-социјална економија, моделите на социјални претпријатија и системот на нивна поддршка, мапирањето и тестирањето на идеи за социјални бизниси, но истовремено развива и вештини за креирање обуки за возрасни, менторирање, развој и следење на социјалните претпријатија (маркетинг, правни аспекти, менаџмент, итн.).
Обучените лица ќе бидат одговорни за обезбедување експертиза и градење вештини и знаења на невладините организации за концептот на социјално претприемништво. Од нив ќе се очекува да дадат своја поддршка при формирање на социјалните претпријатија предвидени со проектот, но и на невладините организации и останатите заинтересирани за отворање на социјални бизниси или за нивна поддршка.
Дел од обучените лица ќе имаат можност да влезат во процесот на регрантирање како членови на евалуационата комисија, но и како членови на меѓусекторската група на Град Скопје, предвидени со проектот.
За проектот:
И покрај сите напори и подобрувања направени од владиниот и невладиниот сектор, сиромаштијата сѐ уште е широко распространета кај Ромите во нашата држава. Ромите се исклучени од низа аспекти на општествениот и економскиот живот, вклучувајќи ги вработувањето, домувањето и образованието. Нема сомневање дека постои дискриминација на Ромите на пазарот на трудот, што во голема мера може да го објасни јазот во вработувањето помеѓу ромската и неромската популација во државата.
Овој проект ги поврзува ромската заедница, граѓанските организации и локалната власт со цел да се создаде нов модел на соработка за справување со социјалната исклученост од пазарот на трудот преку креирање социјални претпријатија. Во рамки на проектот ќе се креираат најмалку 5 нови социјални претпријатија кои ќе вклучат економско зајакнување на Ромите преку нивно работно ангажирање.
Програмата опфаќа:
- Прва основна тридневна обука во периодот од 5 до 7 декември 2018 година во Скопје (за 9 лица), фокусирана на знаењата за еко-социјалната економија и за социјалните претпријатија;
- Втора тридневна обука во периодот од 18 до 20 декември 2018 година во Скопје (за 9 лица), заснована на презентациите развиени од учесниците во интервалот по првата обука;
- Бесплатна обука и материјали за работа;
- Убава атмосфера за учење со обучувачи од Здружението за креативен развој СЛАП од Република Хрватска;
- Можност за вклучување во експертски групи и комисии за време на проектот и по неговото завршување;
- Превод од англиски на македонски јазик;
- За учесниците надвор од Скопје, сместувањето и превозот се покриени,
- Сертификати од посетената обука.
ВАЖНО: Избраните кандидати задолжително треба да ги посетат двете обуки. Содржината на втората обука и менторскиот период што ќе ѝ претходи, ќе бидат дефинирани во согласност со потребите на самите учесници.
Кандидатките и кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови:
Општи квалификации:
- Завршено високо образование – општествени науки во областа на економијата или на бизнис-администрацијата
- Одлично познавање на македонскиот и англискиот јазик
- Одлично познавање на работа со компјутери (Microsoft Office)
- Државјанство на Република Македонија
Искуство и вештини:
- Најмалку петгодишно работно искуство во невладиниот сектор или во мало претпријатие за продажба или дистрибуција на продукти
- Експертиза во областа на претприемништво
- Познавање на националните политики, законодавството и практиката во делот на социјалното претприемништво
- Изградени вештини за комуникација
- Ефективна организација на работното време, навремено исполнување на зададените задачи и самоиницијативност
- Изградени способности за тимска работа
Предност ќе имаат кандидат(к)ите со:
- Искуство во работа со социјално исклучени групи на граѓани
- Посетени обуки за социјално претприемништво
Најдоцна до 1 ноември 2018 година (четврток), заинтересираните кандидат(к)и треба да ја пополнат апликацијата за пријавување и да достават:
- Биографија (CV) на македонски јазик во формат Euro Pass,
- Писмо за мотивација
Ќе се разгледуваат пријавите само на оние кандидат(к)и кои ќе ги достават бараните документи. Оние што ќе ги обезбедат доказите за бараните критериуми, ќе влезат во потесен избор и ќе бидат повикани на разговор. Ве молиме наведете и телефон и е-пошта за контакт.
Кандидат(к)ите ќе бидат известени за резултатите по електронски пат во рок од 8 дена по затворањето на конкурсот.
ХЕРА гарантира дека сите пријавени кандидат(к)и ќе имаат исти услови при изборот без оглед на нивната етничка припадност, родова идентификација, сексуална ориентација, возраст, брачен и родителски статус, раса, попреченост или која било друга основа.
Доколку имате дополнителни прашања, пратете ги на vaska.panova@hera.org.mk.