Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка во врска со ХИВ најстрого ја осудува објавата со наслов „Бизарно: Владата финансира набавка на лубриканти – распишан тендер!“ во електронскиот медиум lider.com.mk (управител и раководител Љупче Златев), објавена и на други портали, која изобилува со невистини, како и тенденциозни, партиско-политички мотивирани и стигматизирачки наводи.
Медиумот ја дезинформира јавноста со тврдењето дека „лубрикантите немаат никаква врска со заштита од ХИВ вирусот“. Напротив, лубрикантите претставуваат основно средство за превенција и од нив зависи ефективноста на кондомите, бидејќи тие ја намалуваат можноста кондомот да се скине. Светската здравствена организација препорачува дека кондомите како средство за превенција ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да се промовираат и да се направат достапни заедно со лубриканти, со цел успешна превенција на ХИВ за клучните популации засегнати од овој вирус.
Ја информираме јавноста дека во Република Македонија, лубрикантите се дел од основниот пакет за превенција во согласност со светските стандарди пропишани од Програмата за СИДА на Обединетите нации (УНАИДС) уште од 2005 година. Во таа насока, лубриканти се набавуваат во континуитет од страна на Министерството за здравство повеќе од 12 години наназад и се дел од сите национални стратегии за ХИВ на Република Македонија.
Во објавата грубо се менуваат факти, со тоа што за пакувања со количество од 3 до 5 мл (кои служат за еднократна употреба) се тврди дека се шишиња, и покрај тоа што медиумот се повикува на самата тендерска документација во која прашањето е прецизно специфицирано.
Неточно е и тврдењето дека оваа година е евидентирано енормно зголемување на трошењето за оваа програма, која лани се финансирала со 11 милиони денари. Имено, во последните 5 години трошењето во рамки на Програмата за ХИВ на годишно ниво се движело од 116 милиони денари во 2014 година до 150 милиони денари во 2016 година, додека мината година изнесувало 65,4 милиони денари.
Во објавата се користи партиско-политички мотивиран и стигматизирачки јазик. На пример: „Набавувач е ова здружение кое е непознато на пошироката јавност, а со парите кои ги има добиено од Владата ќе ги „подмачкува“ хомосексуалците и лезбејките од Скопје“. Здружението ЕГАЛ е имплементатор на програми за ХИВ уште од 2008 година, како дел од националната стратегија и програма. Во таа смисла зачудени сме што еден современ електронски медиум како lider.com.mk, кој е близок на ЛГБТ заедницата, не е запознаен со основните, универзални и докажани алатки за превенција на преносот на ХИВ по сексуален пат и си дозволува за нив да дезинформира и да придонесе кон стигматизацијата на ЛГБТ заедницата. Дополнително, стигматизација се врши и на граѓанскиот сектор кој повеќе од една деценија спроведува теренски програми за тешко достапни популации.
Истакнуваме дека програмите за превенција на ХИВ кај клучните засегнати популации се во континуитет поддржани од сите влади од 2004 година до денес, преку Министерството за здравство. Во периодот од 2005 до 2017 година тие беа кофинансирани од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, а почнувајќи од 2018 година се целосно финансирани од националниот буџет во согласност со преземените обврски на државата. Од минатата година Република Македонија е препознаена од Светската здравствена организација и други релевантни чинители како земја пример во регионот и пошироко за успешно одржување на програмите за превенција од ХИВ и за партнерство помеѓу институциите и граѓанскиот сектор.
Предупредуваме дека неодговорното и тенденциозно известување за ова социјално и јавно-здравствено прашање сериозно ѝ наштетува на превенцијата на ХИВ кај сите граѓани, а особено кај ранливите групи.
Граѓанската платформа за ХИВ бара од електронскиот медиум lider.com.mk веднаш да ја отстрани заведувачката содржина во целост и да го објави нашиот демант. Во спротивно ќе ги употребиме сите законски механизми што ни стојат на располагање за санкционирање на ваквото дезинформирање на јавноста и наштетување на програмите од јавен интерес.
Повеќе информации: Андреј Сених, извршен директор на Здружение „Заедно посилни“, Скопје
(070/344 693)
————
Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ ја сочинуваат 16 граѓански организации од 9 града низ Република Македонија, од кои најголемиот дел се директно вклучени во спроведувањето на активностите за превенција на ХИВ помеѓу групите изложени на најголем ризик во следните градови со нивните околни населени места: Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Прилеп, Битола, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Штип, Велес и Куманово.
Платформата за ХИВ ја сочинуваат здруженијата: ХЕРА, ХОПС, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, ЕГАЛ, Доверба, СТАР-СТАР, Црвен крст на РМ, Опција – Охрид, Зона – Кавадарци, Центар за унапредување на јавен живот – Тетово, ХЕЛП – Гостивар, Младински Клуб – Штип, Избор – Струмица, ПУЛС – Куманово, Интер етник проект – Гостивар, Виа Вита – Битола.