По четврти пат ја одбележуваме Европската недела на тестирање за ХИВ, која годинава трае од 17 до 24 ноември. Најновите податоци укажуваат дека во Европа има околу 1,2 милиони луѓе со ХИВ, од кои 25% не се свесни дека се ХИВ-позитивни, а половината доцна го дознаваат својот ХИВ-статус со што се одложува пристапот до терапија. Кај нас, пак, според проценките на Светската банка и Министерството за здравство, на крајот на 2014 година биле дијагностицирани околу 50% од лицата што живеат со ХИВ, додека останатите не биле свесни за својот ХИВ-статус.
„Сите имаме ХИВ-статус. Го знаеш ли својот?“ е пораката со која годинава ги охрабруваме сите да се тестираат за ХИВ, а особено оние кои имале незаштитен сексуален однос, потсетувајќи дека кај нас сексуалниот е најчестиот начин на пренесување на ХИВ.