Во услови на вонредна состојба во државата предизвикана од КОВИД-19, пристапноста до услугата за безбеден абортус не смее да биде доведена во прашање по ниту една цена.
Согласно добиените информации од здравствените институции, сакаме да информираме дека сите абортуси по лично барање на жените ќе се изведуваат во ЈЗУ Специјална болница „Мајка Тереза“ – Скопје, во Чаир. Поризичните случаи за абортус ќе се изведуваа тво ЈЗУ УК Гинекологија и Акушерство – Скопје.
Абортусот како здравствена услуга не смее да се прекине ниту ограничи, особено во услови на криза. Поради вирусната епидемија, препораките до граѓаните се дека треба да останат дома и да не се движат беспотребно.
Во услови на изолација, а честопати и без пристап до контрацепција за заштита од сексуални односи, можно е стапката на непланирана бременост да се зголеми. За жал, во време на криза и кога луѓето се принудени на близок контакт и изолација, постои зголемен ризик и од партнерско и семејно насилство, како и од силување, што може да доведе до присилна бременост, а со тоа и до потреба од абортус. Губењето на приход или други здравствени проблеми предизвикани од кризата може да влијаат или да бидат одлучувачки фактор на одлуката на бремените жени да ја продолжат или да не ја продолжат бременоста.
На жените секогаш треба да им биде достапно правото на безбеден абортус. Сите заслужуваат да го остварат непречено, безбедно и достоинствено, без оглед на состојбата, а особено во услови на хуманитарна криза.