Сакаме да упатиме порака до Владата на Република Северна Македонија дека потребите на жените поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје не треба во ниту еден момент да бидат запоставени, а особено не во време на пандемиската криза со КОВИД-19.
Правата и изборот на жените во врска со нивното сексуално и репродуктивно здравје треба целосно да се почитуваат, без разлика на настанатата криза предизвикана од корона вирусот. Кај бремените жени и новороденчињата се случуваат низа физички промени и промени во развојот на фетусот, што ги прави особено ранливи на вирусни респираторни инфекции како што е и КОВИД-19. Затоа на бремените, без разлика дали се суспектни или се инфицирани со КОВИД-19, не смее да им биде отежнат пристапот до неопходна медицинска поддршка. Ова вклучува и континуирана антенатална грижа, зачувување на менталното здравје и психо-социјална поддршка.
Намалувањето на услугите за сексуално и репродуктивно здравје негативно ќе се одрази врз квалитетот на животот на пациентите кои се здравствено осигурани или добиваат бесплатна здравствена заштита, особено на жените, девојките, маргинализираните и социјално-ранливите групи. Намалениот пристап до услуги за планирање на семејството го зголемува ризикот од непланирана бременост. Непристапноста или затворањето на родилиштата може да доведе до зголемување на мајчината смртност, што веќе се случува во некои региони во светот кои се погодени од пандемијата. Затворањето на училиштата често доведува до зголемена сексуална активност кај младите, а доколку постои недостиг на кондоми и модерна контрацепција се зголемуваат и можностите за адолесцентни бремености, што понатаму би довело до осипување на девојчињата од образовниот систем и негативно би влијаело врз нивниот натамошен развој и живот.
Токму затоа, ја повикуваме Владата да ги гарантира основните и животоспасувачки услуги за сексуално и репродуктивно здравје во услови на хуманитарна криза – онака како што се дефинирани од страна на голем број меѓународни здравствени агенции, ООН и научната фела. При реорганизирање на здравствениот систем и мерките на заштита на населението, Владата мора да им обезбеди на жените и на маргинализираните групи континуиран пристап до есенцијалните услуги за репродуктивно здравје, без разлика што моментално капацитетите на здравствениот систем се насочени кон справување со кризата со КОВИД-19. Дополнително, буџетите за финансирање на услугите за репродуктивно и сексуално здравје не смее да бидат намалени или стопирани. Граѓанските организации кои обезбедуваат услуги на терен за ХИВ и за репродуктивно здравје за маргинализираните групи треба да продолжат со работа со цел да се гарантира континуитет во комуникацијата и во поддршката на заедниците за услугите кои ним им се потребни, вклучувајќи и кондоми и лубриканти за превенција од непланирана бременост, ХИВ и сексуално преносливи инфекции.
ЕСЕНЦИЈАЛЕН ПАКЕТ НА УСЛУГИ ЗА СЕКСУАЛНО И РЕПРОДУКТИВНО ЗДРАВЈЕ и ХИВ ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА СО КОВИД-19
Превенција од сексуално и родово базирано насилство
– медицински третман на жртви на семејно насилство
– психо-социјална поддршка и безбедност на жртвите на сексуално и семејно насилство
Превенција од ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ)
– советување и дијагностика на СПИ и ХИВ
– третман за СПИ
– дистрибуција на бесплатни кондоми и лубриканти
– антиретровирусна терапија за лица кои живеат со ХИВ
– психосоцијална поддршка на лица кои живеат со ХИВ
– ПЕП (Пост-експозициона профилакса) за жртви на сексуално насилство и за здравствени работници
– Co-trimoxazole профилакса за опортунистички инфекции за лица кои живеат со ХИВ
Превенција од несакана бременост
– Советување за контрацепција
– Поставување на спирала
– Ординирање на орална контрацепција
– Ординирање на итна контрацепција
– Дистрибуција на кондоми
Намалување на мајчина смртност и смртност на новороденчиња
– Сеопфатна итна акушерска грижа и грижа за новороденчето
– Породување и основна акушерска грижа и грижа за новороденчето
– Консултација за безбедно породување и препраќање
– Антенатална заштита
– 24-часовен транспорт за итни случаи до болници
– абортус и грижа по абортус (на лично барање, комплицирани случаи)