На 26-ти октомври во Собранието на Република Македонија се оддржа јавната расправа „Како до подобар пристап до контрацепција“. Јавната расправа беше организирана во соработка со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.
По Јавната расправа беа донесени следниве заклучоци:
1. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија ги поздравува активностите на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување како и на невладините организации што се во насока на имплементација на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје, посебно нагласувајќи ги младинските советувалишта;
2. Комисијата смета дека обезбедувањето на веродостојни информации за контрацепцијата како и квалитетна и прифатлива цена за контрацептивните методи се основи за подобро здравје на жените, но и потврда за можноста и правата на жените, исто како и мажите, подеднакво да учествуваат во општествениот развој;
3. Комисијата смета дека е потребно да се направи сеопфатна национална студија за контрацепцијата и финансиските импликации до крајот на 2013 година, со цел да се добијат најнови информации за стапката на употреба на контрацептивните методи и соодветно на тоа да се развијат посоодветни активности и мерки за промоција и едукација;
4. Комисијата му препорачува на Министерството за здравство да преземе конкретни активности и организира кампањи за информирање и едукација на општата јавност, особено кај младите и социјално ранливите групи на жени и мажи, за митовите и погрешните информации за штетноста на модерната контрацепција, со цел да се намали бројот на несакани бремености, да се подобри превенцијата од сексуално преносливи инфекции и да се постигне здрава бременост и родителство;
5. Комисијата им препорачува на здравствените работници и лекарските здруженија, особено на гинеколозите, да работат на унапредување на своите знаења за модерните контрацептивни технологии кои се базирани на научни докази, но и да обрнат повеќе внимание во едукацијата, советувањето и мотивацијата на жените, девојките и паровите за планирање на родителството и користењето на контрацепцијата;
6. Комисијата смета дека воведувањето на сеопфатно сексуално образование во училиштата е еден од значајните фактори за подобрување на знаењата и употребата на модерната контрацепција кај младите, како и во намалување на бројот на несакани бремености и сексуално преносливите инфекции кај оваа популација;
7. Комисијата им препорачува на Министерството на здравство и на Фондот за здравствено осигурување да изнајдат механизми и буџетски средства за вклучување на орални контрацептивни методи и кондоми во рамки на превентивните здравствени програми и/или на позитивната листа на лекови, особено за младите и социјално ранливите групи на жени и мажи, согласно на препораките на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје.
Информации за Јавната расправа се достапни и на сајтот на Собранието на Република Македонија на следиов линк.