Мрежата за заштита од дискриминација и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) го организираа првиот заеднички јавен настан за да ги претстават состојбите и предизвиците со кои Комисијата се соочува и за да ја зајакнат нејзината улога во промоцијата и заштитата на човековите права во нашата земја. Видео-записот од целиот настан е достапен овде, а во прилог пренесуваме дел од изјавите на воведните говорници и панелисти од двете сесии.
На онлајн конференцијата учествуваа претставници од граѓанскиот сектор кој долго време се застапува за унапредување на спречувањето и заштитата од дискриминација преку промена на законската рамка и формирање на новата Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Учесниците, претставници од законодавната, извршната и судската власт изразија поддршка за работата на Комисијата, како и волја за унапредување на капацитетите на надлежните институции, унапредување на законската рамка и поддршка на Комисијата во надминување на предизвиците со кои се соочува.
Во своето воведно излагање, Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација и од Коалиција МАРГИНИ ја отвори конференцијата и истакна дека: „Заеднички имаме нова можност да почнеме од почеток, да научиме од претходните искуства и да изградиме институција на која граѓаните ќе ѝ веруваат. Како нова институција, КСЗД се соочува и ќе се соочува со бројни предизвици. Клучно е Комисијата да има политичка поддршка за остварување на нејзините цели, властите да ги почитуваат и спроведуваат нејзините мислења и препораки. Независно тело за еднаквост е тело чија работа често нема секогаш да им се допаѓа на властите и политичките пратии, тело кое ќе го спроведува правото, ќе ја критикува работата на институциите и ќе придонесе во нејзиното унапредување. Властите ќе мора да ги почитуваат препораките на Комисијата, дури и кога тие не се во согласност со нивните политички цели и агенди. На ваков начин, мора да отстапат дел од нивната моќ во име на почитување на човековите права, владеење на правото и градење на поеднакво и подемократско општество“.
Во воведниот панел, збор зема Кире Миловски од Фондацијата Отворено општество – Македонија и изјави дека: „Мрежата на граѓански организации за заштита од дискриминација преку своите проектни активности, поддржани од Фондацијата, континуирано прави напори за да ја афирмира работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, ја развива домашната практика преку обезбедување бесплатна правна помош за граѓаните во случаите на дискриминација, алармира во јавноста и кај креаторите на политиките за настанатите повреди и се застапува за унапредување на заштитните механизми од сите форми на дискриминација. Особено ни се важни и внимаваме да обезбедиме поддршка и правна помош за граѓаните кои се маргинализирани и немоќни самостојно да се справат со дискриминацијата на која се изложени.“
Претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска, пак, истакна дека се соочуваат со предизвикот на градење на нова институција и дека се свесни за високите очекувања од новата Комисија. Таа изјави дека ги подготвуваат подзаконските акти, протоколите за соработка со клучните партнери, најави воспоставување на аналитичко одделение во рамките на Комисијата, изработка на Правилник за донесување на одлуки и потпишување на Меморандум за соработка со Мрежата за заштита од дискриминација и со останатите клучни актери во областа. Дополнително, „КСЗД ќе иницира соработка на сите нивоа, односно со сите комисии при Собранието, како што е Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните, со граѓанските организации, меѓународните партнери кои делуваат во полето на човековите права, итн.“.
Зборувајќи за предусловите за функционалност на КСЗД, комисионерот Кире Василев посочи дека поради законските пречки и недостатоци, КСЗД веќе подолг период се соочува со техничко-административни предизвици, што членовите на Комисијата очекуваат да се разрешат во периодот кој следува, заедно и во соработка со собраниските служби. Вработувањето во стручната служба, реализацијата на јавните набавки, опремувањето на просториите за работа, како и креирањето на веб-страницата се следните чекори, кои треба да се реализираат во најкраток рок. Тој изјави: „Работата на разрешување на дискриминацијата е огромен предизвик, но со агилност и одлучна работа на членовите на Комисијата, напредок ќе има. Комисијата веќе работи на воспоставување на многустрана соработка со домашни институции, граѓански организации, странски организации со цел заедничко засилување на напорите за што побрзо разрешување на проблемите со кои се соочува Комисијата.“
Генералната секретарка на Собранието на Северна Македонија Цветанка Иванова зборуваше за улогата на Собранието во поддршката на работата на КСЗД, а се осврна и на малиот буџет со кој располага КСЗД: „Комисијата мора да добие поголем буџет за својата работа и комисионерите треба активно да учествуваат во планирањето на буџетот во иднина. Не смее да се дозволи поради технички проблеми Комисијата да губи време и да не работи ефикасно во полза на граѓаните“. Иванова повика на суштинска соработка со Собранието, собраниските работни тела и неформалните интерпарламентарни групи кои работат на унапредување на правата на различни маргинализирани групи, како што се Ромите, ЛГБТИ лицата и лицата со попреченост. „Различностите се потенцијал за развој, а не основ за дискриминација“, потенцира таа.
Пратеничка Гордана Силјановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднкави можности во своето обраќање за клучните предизвици на кои КСЗД треба да одговори, го искажа своето задоволство од активното работење на Комисијата, која веќе јавно дава свои мислења. Силјановска-Давкова истакна дека очекува Комисијата да биде независна, стручна и одлучна во борбата за еднаквост. Таа потенцира дека Комисијата мора да се посвети на обезбедување на почитување на физичкиот и моралниот интегритет, особено во контекст на ЛГБТИ луѓето, кои во 21 век во нашата држава сѐ уште не можат слободно и без страв да се изразуваат. „Комисијата треба да работи на својот углед, отчетност и да биде проактивна, а не да постапува само по доставените претставки на граѓаните, туку и по сопствена иницијатива“, изјави Силјановска-Давкова.
Стојан Мишев од Мрежата за заштита од дискриминација и Здружението ЕСЕ, зборувајќи за законскиот мандат на Комисијата и предусловите за транспарентност, отчетност и ефикасност, истакна дека следново е неопходно: „Обезбедување на јавен пренос на седниците на КСЗД (со почитување и заштита на приватноста и личните податоци), изготвување на стратегии и програми за работа со вклучување на сите чинители, транспарентно работење преку редовно информирање, користење на алатки за едукација на јавноста, промоција на еднаквоста и на својата работа, обезбедување на лесно достапни формулари за пријавување на дискриминација, информирање за потрошените средства и за степенот на реализираните активности“.
Комисионерот Игор Јадровски зборуваше за потребите и начините на соработка на КСЗД со клучните актери за заштита и промоција на еднаквоста и човековите права и изјави дека: „Приоритет сега е функционалноста на Комисијата, преку обезбедувањето на простории за нејзина работа, екипираност, зголемување на човечките и техничките капацитети, вработувања во стручната служба и креирање на електронска база на податоци“. Дополнително, најави дека сѐ уште е потребно да се отвори нов оглас за именување на уште еден член на КСЗД. Тој потенцира дека е значајно да се има добра соработка со Народниот правобранител, со судовите, со Собранието, со граѓанските организации, со инспекторатите и надлежните министертва. Јадровски искажа задоволство од просториите кои ги обезбедиле за Комисијата, кои се пристапни за лицата со попреченост и изјави заложба за осигурување на пристапноста на услугите и активностите на Комисијата за лицата со попреченост.
За соработката меѓу Собранието и КСЗД, пратеничката и координаторка на ЛГБТИ Интерпарламентарната група, Маја Морачанин нагласи дека: „Определениот буџет е мал, но потребно е да се делува кога ќе се планира ребаланс, со што би се дало поддршка за зголемување на буџетот на КСЗД“. Таа забележа дека досегашната отвореност за соработка со неформалните групи во Собранието се има покажано како механизам кој носи успешни резултати. Информира дека Собранието тековно работи на донесување на одлуката за распишување на конкурс за избори и именување на уште еден член, со што Комисијата ќе се доекипира.
Судијката Хилда Мешкова од Основниот суд Скопје 2, зборуваше за судската заштита од дискриминација и соработката меѓу судството и КСЗД и ја истакна улогата на Комисијата како исклучително важна и предложи таа да делува на зголемување на едукацијата на граѓаните за дискриминацијата. Мешкова вели дека е потребно да се обезбеди поврзување на граѓаните со услугите за бесплатна правна помош од кои тие би можеле да добијат соодветна правна поддршка и застапување во случаите на дискриминација. „Судот е отворен за соработка понатаму, а сега има можности и за постапување, со оглед на тоа што има мноштво закони кои екплицитно заштитуваат од дискриминација“, изјави Мешкова. Таа се осврна и кон институтот „преминување на товарот на докажување“ како клучна и неопходна алатка за ефикасна заштита од дискриминација, бидејќи во овие случаи тужителот се наоѓа во понеповолна ситуација бидејќи доказните средства се најчесто во рацете на тужениот.
Говорејќи за унапредувањето на соработката меѓу граѓанскиот сектор со механизмите за заштита и промоција на човековите права, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска истакна дека кај нас посебно внимание треба да му се посвети на говорот на омраза, кој е широко распространет, што е директна последица и од непостоењето на судска заштита. Таа потенцираше дека КСЗД треба да делува превентивно на овие појави, а особено значајно е што новиот состав на оваа Комисија е сензибилизиран и има знаење за справување со дискриминација. „КСЗД треба да делува согласно своите надлежности, а не да работи само на претставки. Граѓанскиот сектор треба да биде перципиран како партнер, но и коректор и критичар на несоодветниот третман и непостапувањето од страна на властите.“ Пировска се осврна и кон Народниот правобранител и побара поголема соработка од страна на институцијата со граѓанскиот сектор, како и конечно оживување на механизмот Омбудсман Плус за надворешна конторла над работата на полицијата.
Заменичката Народна правобранителка Васка Бајрамовска Мустафа изјави: „Народниот правобранител ја отвора соработката со новата КСЗД на повеќе нивоа, во соработката со предметите, во прибирањето на статистичките податоци, унапредувањето на законската рамка, информирањето на јавноста, известувањето кон меѓународните тела за човекови права итн.“. Според неа, новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација дава нов пристап во заштитата на човековите права, но сепак потребен е посериозен, почувствителен пристап во работата со претставките од граѓаните и негување на мултисекторски односи.
Членовите на Комисијата информираа дека ќе започнат со изработка на веб-страницата на КСЗД, додека Фејсбук-страницата е веќе достапна на овој линк. Присутните на конференцијата дискутираа и за обврската за спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација и од страна на секое министерство, преку јакнење на капацитетите на администрацијата, инспекторатите и усогласување на законодавството за заштита и спречување на дискриминацијата. Еден од клучните заклучоци е и потребата од конечно заживување на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните како клучен механизам кој мора активно да расправа за прашања од областа на (не)дискриминацијата, да донесува заклучоци, да го следи нивното спроведување и да врши надзор над почитувањето на човековите права од страна на извршната власт.
Лица за контакт: Драгана Дрндаревска, Мрежа за заштита од дискриминација
078 200 675, dragana.coalition@gmail.com
Игор Јадровски, Комисија за спречување и заштита од дискриминација
078 318 600, igorjadrovski@yahoo.com