Од непосакувано „додворување“ и шеги со сексуална конотација до силување, кое може да го врши непознат, цела група, познато лице или член на семејството, сексуалното насилство е често застапен вид на злоупотреба и дел од проблематичната реалност на многу жени и девојчиња во светот и кај нас.
Еден од клучните начини за борба против оваа глобална епидемија е обезбедување силни механизми на заштита и поддршка на жртвите на сексуалното насилство на локално ниво.
Тоа најефикасно се прави преку добро организирано и одржливо функционирање на т.н. кризни центри.
Кризниот центар за сексуално насилство треба да ги промовира и застапува потребите и интересите на жените и девојките кои се соочуваат со сексуално насилство, преку обезбедување локална и специјализирана услуга, чија крајна цел е елиминирање на сексуалното насилство и последиците од сексуално насилство.
Во Кризниот центар за жртви на сексуално насилство се обезбедува специјализирана услуга која вклучува кризно и долготрајно специјализирано советување, психо-социјална поддршка и третман, застапување на жртви на сексуално насилство, особено жени и девојки од сите возрасти кои доживеале каква било форма на сексуално насилство.
Со цел подобро запознавање, препознавање, превенирање и санирање на сексуалното насилство во нашата држава, во сите негови појави, ја изработивме оваа важна публикација која дава преглед на стандардите и процедурите за постапување во Кризен центар за жртви на сексуално насилство, како и програма за психо-социјално советување.
За пристап и преземање на целата публикација, кликнете тука.
______________________________________________________________________________________________________________
Овој публикација е подготвена во рамките на проектот „Техничка помош на Владата и на организациите на граѓанското општество за решавање на недостатоците во обезбедувањето услуги и усогласување со минималните стандарди утврдени со Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејно насилство“, имплементиран од ХЕРА, во рамки на Регионалната програма на ЕУ – UN Women „Спречување на насилството врз жените во Западен Балкан и Турција: Имплементирање на норми – промена на ставови“.