Борбата за остварување на правата и слободите на обесправените лица може да биде успешна единствено преку нивно омоќување, мобилизирање и активно учество. Оттука произлезе идејата да отвориме можности за нивно економско зајакнување и за да ја обезбедиме одржливоста на нашите сервиси. Потенцијалот на социјалното претприемништво како иновативен модел за социјална инклузија, ресоцијализација и вработување на луѓето од ранливите групи го препознавме уште во 2015 година, а идејата за социјално претпријатие конечно ја остваривме во 2017 година.
Имајќи предвид дека социјалното претприемништво е прилично нова тема кај нас, решивме нашето искуство да го (ис)користиме за да ги градиме капацитетите на сите оние кои како и ХЕРА, сакаат да ги зајакнуваат маргинализираните преку социјално претпријатие. Секоја поддршка е ветер во грб, а особено ако доаѓа од локалната власт – затоа со Град Скопје развиваме стратегија за поддршка на социјални претпријатија кои би вработувале лица од маргинализираните заедници.
Конечно, за успешно остварување на социјалните мисии на сите социјални претпријатија од исклучителна важност е постоењето на поддржувачки еко-систем во кој тие се препознаени и поддржани во секој поглед. Затоа, преку Мрежата на социјални претпријатија сме дел од работната група за креирање политики и правна рамка за социјалното претприемништво.
Повеќе:
- Поблиску до „Отвораме можности“
- Анализа на потребите за развој на социјални претпријатија во Република Македонија
- Прирачник за социјално претприемништво
- Социјално претпријатие „Нега Плус“
- Компаративна студија и Анализа на трошоци и продбивки за основање Ресурсен центар за развој на социјални претпријатија во Град Скопје
- Процена на капацитетите и потребите на АППРСМ во однос на социјалното претприемништво
- Прирачник за АППРСМ