Водена од својата социјална мисија, односно желбата да го подобри општествениот статус и пристапот до права на маргинализираните заедници, ХЕРА го отвори социјалното претпријатие „Нега Плус“ кое нуди професионална грижа и нега за стари и изнемоштени лица во домашни услови на територија на општина Центар и град Скопје.
„Нега Плус“ го сочинуваат десет негувателки од ромска националност кои ги надградија и зајакнаа своите знаења и вештини преку лиценцираната Програма за палијативна грижа и нега на Министерството за образование.
Настојувајќи да ја подобри економската и лична благосостојба на Ромките кои се социјално и економски маргинализирани на територијата на град Скопје, „Нега Плус“ остручува и работи со исклучиво сертифициран и посветен кадар и обезбедува флексибилни пакети на услуги, чиј квалитет се следи преку воспоставен систем за контрола на квалитетот. На ваков начин, „Нега Плус“ ќе обезбеди пристап до постојано вработување и приходи, со што ќе ја зголеми економската независност на маргинализираните Ромки.
Социјалното претпријатие „Нега Плус“ е отворено во рамки на проектот „Зајакнување на Ромките преку создавање на социјално претпријатие“, финансиран од Европската Унија, во партнерска соработка со Мрежата на социјални претпријатија од Франција – Insertion et alternatives – Group SOS и Општина Центар.
За повеќе информации, следете го официјалниот Фејсбук-профил на „Нега Плус“, погледнете го промотивното видео или јавете се на 070 299 026.