Преку телефонски и онлајн интервјуа на 126 лица, истражувањето „Самотестирање за ХИВ кај геј-мажи и други мажи кои имаат секс со маживо Република Северна Македонија: Ставови, прифатливост и потребни информации“ дава проценка на ставовите и прифатливоста за самотестирањето за ХИВ кај оваа популација, кое за првпат е предложено како превентивна стратегија во средината на осумдесеттите години.
Истражени се потребите и грижите што ги имаат мажите кои имаат секс со мажи (МСМ) од можноста за воведување на комплет за самотестирање за ХИВ (т.н. кит) во нашата земја, направена е процена на предностите и недостатоците од употреба на орален во однос на крвен примерок и идентификувани се стратегии за дистрибуција, промоција и поддршка на самотестирањето за ХИВ кај оваа популација.
Република Северна Македонија е земја со ниско ниво на ХИВ-инфекција, но и земја во која не се достапни комплети за самотестирање за ХИВ: не може да се најдат во аптеките ниту се нудат како можност за тестирање како дел од превентивните активности на терен меѓу групите со поголем ризик од пренос на ХИВ. Сепак, во 2020 година во Република Северна Македонија, како дел од мерките за подобрување на достапноста на ХИВ-тестирање кај клучните засегнати популации, се предвидува воведување на самотестирање и за првпат во Националната програма за заштита на населението од ХИВ-инфекција се предвидува набавка на комплети за самотестирање од страна на Министерството за здравство.
Оттука, наодите од ова истражување ќе помогнат не само подобро да се разберат ставовите и прифатливоста за самотестирање за ХИВ кај МСМ, туку и да се разработат подобри јавни здравствени модели за превенција преку ХИВ-тестирањето, односно за зголемување на бројот на тестирања кај МСМ-популацијата во земјата, но и кај другите клучни популации засегнати од ХИВ.
Истражувањето е достапно на македонски и англиски јазик.