Пред Вас се наоѓа Извештајот од евалуацијата на пилот-програмата за самотестирање за ХИВ, што ја спроведовме во текот на 9 месеци во 2021 и 2022 година и која вклучуваше демонстрациски проект со нудење услуги за самотестирање за ХИВ преку интернет.
Потребата од воведување воведување ваков пристап стана очигледна по истражувањето за ставовите, прифатливоста и потребните информации во врска со самотестирањето кај геј-мажи и други мажи што имаат секс со мажи во Северна Македонија од 2019 година, во кое поголемиот дел од испитаниците искажале висока подготвеност самостојно да го изведат самотестирањето за ХИВ преку примерок од плунка.
Светската здравствена организација во 2016 година за првпат препорача самотестирањето за ХИВ да се нуди како дополнителен пристап во рамките на услугите за ХИВ-тестирање. Целта на оваа препорака беше да овозможи нови начини да се допре до луѓето што се наоѓаат под висок ризик од ХИВ-инфекцијата, а коишто инаку не би се тестирале.
Наодите од евалуацијата на пилот-програмата укажуваат дека самотестирањето како пристап во услугите за ХИВ-тестирање има потенцијал да даде уште поголем придонес во националниот одговор кон ХИВ, пред сè, адресирајќи го главниот јаз – високиот процент на лица кои живеат со ХИВ, а не се свесни за својот ХИВ-статус. Оттаму, услугите за самотестирање за ХИВ преку интернет треба да се приоритизираат и за нив треба да се обезбеди финансирање преку националната програма за ХИВ. Покрај овој пристап, самотестирањето за ХИВ треба да се направи достапно и на други начини, вклучувајќи ја и можноста да се набави приватно во аптека.
Целосниот извештај од евалуацијата е достапен на македонски и на англиски јазик.
Врз основа на овој извештај подготвивме и документ за јавни политики.