ХИВ не се лекува и превенира со Хепатит Ц терапија!
-реакција по повод соопштението за јавност на Министерството за здравство-
Скопје, 7 октомври 2016 – Граѓанската Платформа за ХИВ остро реагира на вчерашната официјална изјава од страна на Министерството за здравство во однос на лекувањето на лицата со ХИВ, превенцијата на ХИВ, како и лекувањето на хепатит Ц, која изобилува со неточни и делумно точни информации, и погрешно претставување на фактите. Во интерес на ВИСТИНАТА, ја информираме јавноста за следното:
ХИВ-инфекцијата не се лекува со терапија за хепатит Ц! Зачудувачки е што Министерството за здравство ја поистоветува терапијата за ХИВ со терапијата за хепатит Ц за да го оправда драстичното кратење на буџетот за ХИВ, кога станува збор за лекување на две различни крвно преносливи инфекции.
Целосно е неточно дека Министерството за здравство обезбедило средства за лицата со ХИВ во рамките на две програми! Споменатите две програми на Министерствтото за здравство – за лекување на зависности и за заштита од ХИВ – имаат различни групи на корисници. Додека корисници на првата се лица со болести на зависност, корисници на Програмата за заштита на населението од ХИВ во делот на терапија и поддршка се лицата со ХИВ. Во Република Македонија, за среќа – и благодарение токму на досегашните превентивни активности за ХИВ на граѓанскиот сектор – не постои преклопување помеѓу двете популации; во изминатите 5 години е регистриран само еден случај на ХИВ кај лица што користат дрога. Ваквите изјави откриваат скандалозно непознавање на основни епидемиолошки прашања во Република Македонија.
Средствата за лекување на хепатит Ц не се дел од пресметаниот буџет од 65 милиони денари кој е неопходно да се оддели од Буџетот на Република Македонија САМО за лекување на ХИВ за една година и за одржување на програмите за превенција за половина година. Го потсетуваме Министерството за здравство дека се обврза да предвиди дополнителни средства за лекување на хепатит Ц. За жал, не е јасно како Министерството предвидува да издвои наводни 25 милиони денари за терапија за хепатит Ц во Програмата за лекување на зависности, имајќи предвид дека и оваа програма е скратена за 2017 година и изнесува 72 милиони денари во споредба со 2016 година кога изнесувала 78 милиони денари. Програмата за лекување на зависности во сегашниот износ е доволна само за да се покријат други неопходни интервенции, како терапија за лекување на зависност од дроги (метадон и бупренорфин), лекување во дневни болници и болничко лекување на лица со зависност од алкохол и дрога. За да се обезбеди терапија за хепатит Ц за лицата со болести на зависност, Програмата треба дополнително да се зголеми.
Изјавата дека предвидените средства во Програмата за ХИВ за 2017 година ќе бидат целосно наменети за превентивни активности не е поткрепена со фактичката состојба. Од предвидените 27 милиони денари во Програмата за заштита на населението од ХИВ, најмалку 7 милиони ќе бидат неопходни за покривање на заостанати долгови, а најмалку 16 милиони Министерството МОРА ДА ПРЕДВИДИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ТЕРАПИЈА ЗА НАЈМАЛКУ 6 МЕСЕЦИ во Програмата за ХИВ за 2017 година со цел да се избегне недостаток на терапија во почетокот на 2018 година. Дури и кога лековите за ХИВ обезбедени оваа година би траеле до крајот на 2017 година, додека се спроведе следна јавна набавка во првата половина на 2018 година ќе биде неопходно да се покријат уште најмалку 4 до 6 месеци. Заостанатите долгови произлегуваат оттаму што Министерството за здравство со ребалансот на буџетот ја скрати ставката за терапја за ХИВ во Програмата за 2016 година од 32 на 23 милони денари(!) и покрај тоа што набавките за лекови и за тестови за следење на ХИВ-инфекцијата беа во тек.
Протестираме против обидот на Министерствтото за здравство да го претстави кратењето на средства како зголемување на финансиските средства за лицата со ХИВ користејќи се со директно извртување на фактите. Доволно е да се погледне Буџетот на Република Македонија за последните три години за да се констатира драстичното намалување на средствата за ХИВ за 2017 година. Имено, Програмата за заштита на населението од ХИВ изнесувала 128,4 милиони денари за 2014 година, 173,7 милони за 2015 год., а 166,5 милиони за 2016 година. За 2017 година Министерството предвидело 73.7 милиони денари, вклучувајќи ги споменатите 27 милиони од основниот буџет на Република Македонија и самофинансирачки активности на Министерството, како и 46.7 милиони од преостанатите средства од донации, за чие користење сѐ уште чекаме одобрување од донаторот.
Како граѓански организации го потсетуваме Министерството за здравство дека претставува јавна установа која нема мандат да влегува во расправи со предзнак на меѓупартиски пресметки, туку е должно да се грижи единствено за здравствените политики во земјата и заштитата на здравјето на сите граѓани. Уште еднаш го повикуваме Министерството да буџетира врз основа на докази – обезбедени во анализата на Светската банка и во согласност со пресметките на домашните експерти – со што износот од 27 милиони ќе го зголеми на 65 милиони денари. Во спротивно, Министерството за здравство ќе биде директно одговорно за зголемена епидемија и зголемен број на смртни случаи кои може да се избегнат.
Го повикуваме Министерството за здраство на јавна дебата со претставници на граѓанскиот сектор на која пред јавноста ќе ги соочиме аргументите поврзани со лекувањето и превенцијата на ХИВ, како и лекувањето на хепатит Ц.
Ги потсетуваме сите политички субјекти во државата, дека прашањата од областа на јавното здравје, превенцијата на епидемии и лекувањето на граѓани со животозагрозувачки состојби не смеат да бидат користени на кој било начин за пресметки на партиска основа.