Рамката за вклучување на РЕСИ – Родовата еднаквост и социјалната инклузија во креирање на политиките во Република Северна Македонија
Родовата еднаквост и социјалната инклузија (РЕСИ) имаат суштинско значење за постигнување на глобалните цели за одржлив развој. Сѐ поголем број истражувања укажуваат на фактот дека, со вклучување на РЕСИ во различни сфери на општественото живеење, се унапредуваат здравјето и социјалната благосостојба на луѓето. Преку соодветна примена на концептот на РЕСИ при креирањето на националните политики, се промовира култура на позитивна промена на општеството, со цел соодветно и праведно да се одговори на социо-економските потреби на жените, на ранливите и маргинализираните групи.
Концептот на родова еднаквост и социјална инклузија (РЕСИ) се однесува на нееднаквата распределба на моќта меѓу луѓето врз основа на нивниот пол, род, возраста, капиталот, местото на живеење, етничката припадност, попреченоста или, пак, нивна комбинација (но не исклучувајќи и други основи на маргинализација, во зависност од социјалниот контекст на државата). Концептот се фокусира на потребата активно да се дејствува во општеството со цел да се избалансираат што е можно повеќе односите на моќ, да се намалат разликите меѓу луѓето и да се обезбедат еднакви права, можности, ресурси и почитување на сите поединци, без оглед на нивниот социјален статус.
Рамката може да се користи и во процесот на подготовка на конкретна политика со која се анализираат проблемите, потребите и очекувањата на жените и на другите социјално ранливи групи за различни општествени прашања. Крајната цел со примена на рамката е да се согледа како политиката ќе постигне позитивна промена во животот и благосостојбата на жените и на другите ранливи заедници.
Оваа рамка е наменета да се користи од страна на претставници на експертски тела, комисии, работни групи за родова еднаквост во рамки на националната и на локалната власт и од одговорните лица за родова еднаквост во министерствата и во другите органи на државната управа. Рамката може да ја користат и други назначени органи и тела од институциите на системот или интерсекторски групи во кои постојат капацитети и искуство во спроведување на родови анализи. На крај, оваа рамка може да се користи и од страна на други организации, вклучително и од граѓанскиот сектор (со одредена адаптација), како алатка за проценка на влијанието на РЕСИ во програмите, регулативите, проектите и структурите на управување.
Рамката за вклучување на РЕСИ во креирање на политиките на национално ниво е достапна на македонски и на албански јазик.

