Улогата на здравствениот систем во заштитата на децата од злоупотреба и занемарување има особено значење со оглед на задачите и улогата на здравствените работници во превенцијата, откривањето, дијагностицирањето и третманот на сите облици на злоупотреба и занемарување на децата. Нивната улога е суштествена и во докажувањето и форензичката евалуација на злоупотребата и занемарувањето.
Заштитата од злоупотреба и занемарување на децата е комплексен процес и може да биде успешен само преку сеопфатна меѓусекторска соработка на сите релевантни сектори и институции, односно центрите за социјална работа, полицијата, јавното обвинителство, здравствениот систем, образовниот систем и граѓанскиот сектор.
Прирачникот за постапување на здравствените работници во процесот на заштита на децата од злоупотреба и занемарување има за цел да ја дефинира и олесни улогата на здравствените установи (здравствените работници) во постапките на препознавање, пријавување и упатување на децата при насилство, злоупотреба и занемарување – релевантен сектор особено во делот на превенција и спречување на насилство врз децата.
Прирачникот дава теориски и практични насоки за унапредување на клиничката практика во здравствениот систем токму во доменот на препознавање, пријавување и упатување на децата при сите видови злоупотреба и занемарување. Наменет е за полесно препознавање на ризиците, знаците и последиците од злоупотребата и занемарувањето, како и за давање јасни упатства за постапување на здравствените работници во случај на сомнение или можна злоупотреба и занемарување на дете.
Прирачникот можете да го преземете тука.