Во последните години насилството е проблем со кој се соочуваат и децата и возрасните. Во училиштата и надвор од нив, децата може да бидат изложени на најразлични облици и видови на врсничко насилство, но и на насилство од страна на возрасните. Последиците ги чувствуваат сите – оние кои трпат насилство, оние кои насилно се однесуваат, но и оние кои присуствуваат на настаните во кои има насилство.
Заштитата на децата од насилство, злоупотреба и занемарување е комплексен процес кој може успешно да се оствари само преку сеопфатна меѓусекторска соработка на сите релевантни сектори и институции, вклучително и на воспитно-образовните, односно училиштата.
Сакајќи да им помогнеме на сите субјекти во образовниот процес во нивните напори за намалување на насилството во училиштата, овој Практичен прирачник за превенција и интервенција при насилство, злоупотреба и занемарување во училиштата го замисливме како водич со сеопфатни информации и практични насоки, како и вежби на темата насилство во училиштата.
Наменет им е на членовите на Тимот за заштита на децата од насилство (директорот, стручната служба, класниот и одделенски наставник), но и на другите учесници во воспитно-образовниот процес чија обврска е да ги заштитат децата од насилство. Освен воспитно-образовните институции, овој прирачник може да го користат и други институции и невладини организации, чија дејност е поврзана со образованието на
децата и со превенцијата/интервенциите во врска со насилството врз деца.
Прирачникот можете да го преземете тука.