Сексуалното образование, кое во идеални услови би требало да биде колку сеопфатно толку и соодветно на возраста и развојот, е суштински фактор за заштитата на здравјето и добросостојбата на децата и младите луѓе и за поддршката во нивниот сексуален и севкупен развој.
Процената на состојбите со сексуалното образование во Европа и Централна Азија беше главната цел извештајот подготвен од Сојузниот центар за здравствена едукација на Германија (БЗгА) во тесна соработка со Европската мрежа на Меѓународната федерација за планирано родителство (МФПР ЕН).
Спроведена кон крајот на 2016 и почетокот на 2017 година, со процената беа опфатени 25 држави во Европскиот регион на Светската здравствена организација (СЗО), вклучително и 5 држави од Централна Азија.
Меѓу нив беше и Република Македонија во чиј образовен систем и ден-денес не постои посебен наставен предмет со назив Сексуално образование иако три национални стратегии во одредени сегменти се однесуваат на сексуалното образование. Во 2011 година беше усвоена Рамката за сеопфатно сексуално образование, но од неа не произлезе конкретен акциски план. Иако неколку елементи од сексуалното образование се вградени во разни други наставни предмети, истражувањата покажаа дека училиштата во Македонија речиси и да не се извор на информации за сексуалното и репродуктивното здравје (СРЗ). И покрај помошта од меѓународните организации и заложбите за застапување од локалните невладини организации, спроведувањето на сексуалното образование во земјата претставува бавен процес кој често наидува на отпор и недостиг од владина поддршка.
Целосниот извештај за Република Македонија е достапен тука, а краткиот преглед тука. На овој линк можете да ја преземете фактографијата за состојбите со сексуалното образование во опфатените 25 земји од Европскиот регион на СЗО.