Имајќи ги предвид препораките на Светската здравствена организација и на УНЕСКО, како и потребите на младите луѓе кои се дел од врсничките едукации организирани од ХЕРА, се ревидираа материјалите и програмата за врсничко образование, од што произлегува новиот Прирачник за врсничка едукација по сеопфатно сексуално образование.
Програмата за врсничка едукација, ХЕРА ја спроведува како мошне успешна активност уште од 2014 година, на територијата на Град Скопје, Струга, Гостивар, Куманово, Штип, Пробиштип, Тетово, Дебар, Битола, Кавадарци, Неготино.
Во изминатите години спроведовме 8 обуки за врснички едукатори, кои освен што добиваат неколкудневна интензивна обука, за да бидат сертифицирани, минуваат и низ супервизиран процес на проверка на вештините за водење работилници и низ евалуација на нивните знаења и ставови. Овие млади едукатори, во соработка со едукаторите сениори, во период од само неколку години обучија над 2.000 врсници, што е сосем незанемарлива толпа на луѓе.
Врз основа на нивните искуства, проценки, анализи и размислувања, се насочивме кон доближување на содржините до потребите на младите согласно новите текови и генерациски предизвици и изработивме ревидирана верзија на прирачникот, што ви стои на располагање на два јазика, македонски и албански.