Родово базираното насилство (РБН) е грубо кршење на човековите права на девојките и воопшто на жените. Во вонредни состојби,
каква што е и состојбата со пандемијата од ковид-19, ризикот од насилство се зголемува повеќекратно. Истовремено, националните системи, особено здравствениот систем, системот на правда, како и системот на социјална поддршка, се ослабнати.
Ова води кон пречки во пристапот до социјални и здравствени услуги, вклучувајќи го и пристапот до услуги за сексуално и репродуктивно здравје, како и во пристапот до правни услуги. Сето тоа може да придонесе кон состојба на неказнување на сторителите и ризик од повторување на насилството во сите негови форми, како и продолжување на штетните традиционални практики.
Родово базираното насилство, како и семејното насилство, предизвикуваат долготрајни последици за здравјето на жените и девојките, нивната психо-социјална состојба, како и економската независност и стабилност.
Во нашата земја, според податоците што се објавени од МВР, над 90 % од сторителите на семејно насилство се мажи, а над 80 % од жртвите се жени, важни се заложбите на земјата за донесување правна регулатива и стратешки документи заради постигнување родова еднаквост.
Во 2018 година по ратификацијата на Истанбулската конвенција, беше донесен Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, чија основна цел е да создаде, спроведе и координира сеопфатна национална политика за превенција и елиминирање на насилството врз жените.
ХЕРА изработи извештај што вклучува главни наоди и препораки врз основа на спроведениот мониторинг на досегашните имплементирани активности што се дел од Акцискиот план за Истанбулската конвенција заклучно со 2023 година.
Целосната имплементација на Акцискиот план е од особено значење, особено доколку го земеме предвид алармантниот факт што потврдува дека насилството врз жените во Северна Македонија често поминува непријавено затоа што не е препознаено како такво.
Дури 48 % од жените сметаат дека тоа е приватна работа, а 28 % сметаат дека насилството е често поттикнато од жртвата. Само 2 % од оние кои преживеале насилство од партнерот и 21 % од оние кои преживеале насилство од поранешен партнер, го пријавиле во полиција. Причините се или срам од околината или недоверба во институциите, во кои персоналот задолжително треба да биде обучен за темите на РБН.
Жртвите на насилство на територијата на РСМ имаат пристап до 16 сервиси во рамки на центрите за социјална работа во седумте плански региони: Полошки, Југозападен, Источен, Североисточен, Вардарски, Пелагониски и Скопски Регион. Покрај нив, функционираат уште 8 сервиси раководени од граѓански организации делумно финансирани од буџетски средства, од кои 7 се во Скопје. Во однос на видот на специјализираниот сервис за жртви на РБН, има воспоставено вкупно 9 засолништа за жртви на РБН.
Во Полошкиот и во Североисточниот Регион сѐ уште не постојат засолништа за жртви на РБН.