Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), речиси 15 % од светското население живее со некоја форма на попреченост, процент кој може да биде уште повисок во општества во кои има конфликт или природна непогода.
Имајќи предвид дека лицата со попреченост се меѓу наjранливите и социјално исклучени групи во општеството, во рамките на програмата „Спречување на родово базирано насилство и дискриминација меѓу лицата со попреченост од јавната установа Бања Банско“ подготвивме Прирачник за обука на персонални асистенти и други даватели на услуги на лица со попреченост, кој содржи теоретски информации и практични работилници за спроведување на едукации за и со лица со попреченост од областа на родово базираното насилство.
Прирачникот дава краток преглед на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, позната и како Истанбулска конвенција. Понатаму, нуди општи насоки за спроведување на едукации и работилници и за воспоставување соодветна комуникација со учесниците, ги претставува концептот на независно и самостојно живеење и концептот на еднаквост, дискриминација и соодветно приспособување и ги обработува родово базираното насилство и сексуалната злоупотреба кај девојките и жените со попреченост.
Прирачникот е изготвен во рамки на заедничкиот проект „Градење на локален модел на деинституционализација” што го спроведуваат четирите агенции на ООН во земјава – UN Women, UNFPA, UNICEF и UNDP – со главна цел да придонесеме за унапредување на правата на лицата со попреченост и за елиминирање на насилството врз жените.