МЛАДИТЕ БАРААТ ПРИСТАП ДО КОНТРАЦЕПЦИЈА И УСЛУГИ ЗА СЕКСУАЛНО И РЕПРОДУКТИВНО ЗДРАВЈЕ!
„Свет во кој сите жени, мажи и млади луѓе имаат пристап до информации и услуги кои им се потребни од областа на сексуалното и репродуктивното здравје; свет во кој сексуалноста се признава како природен и драгоцен аспект на животот и како фундаментално право; свет во кој изборот целосно се почитува и каде што нема место за стигма и дискриминација”
Со намера оваа визија да стане реалност, Meѓународната федерација за планирано родителство (МФПР) ја изработи Визија 2020, како манифест за сексуално и репродуктивно здравје и права. Документ кој ги поставува насоките и целите кон кои, сите ние кои работиме на ова поле, без разлика од кој сектор доаѓаме, треба да се стремиме за да ги оствариме до 2020. Со други зборови препораките од овој документ претставуваат опипливи насоки како политиките да се претворат во пракса.
ХЕРА секојдневно се залага за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје и права на сите граѓани. Затоа секоја година се придружува на глобалното одбележување на целите од Визија 2020. Оваа година, на глобално ниво МФПР и сите нејзини организации членки, како ХЕРА, потсетуваат колку е важна употребата на контрацепција и колку е важно да се надминат предизвиците за пристап до истата.
По тој повод, ние, младите од ХЕРА подготвивме видео во кое претставивме дел од секојдневните предизвици со кои се соочуваат младите во Македонија. Сакаме да ја потсетиме јавноста а особено новата Влада, дека Македонија е на дното на листата по употреба на контрацепција во Европа. Хламидијата е во постојан пораст и бројките се загрижувачки – од 0,4 во 2004 стапката на морбидитет пораснала на 29,4 во 2014. Само 1,6% на млади до 29 години користат орална контрацепција, а само 12,8% од паровите користат какво било модерно средство за контрацепција. Стапката на тинејџерска бременост, како и на абортуси, во оваа возрасна група е неколкупати повисока од онаа во ЕУ. Овие бројки можат да се намалат, но за тоа се потребни конкретни мерки од институциите.
Повеќе од јасно е дека причините за овие состојби се недоволната информираност за постојните методи на контрацепција, стравот и предрасудите за нивното дејство, отежнатиот пристап до контрацепција, недостигот од финансиски средства, стравот од осудувачкиот однос на медицинскиот персонал, како и недоволно фукционалните центри за јавно здравје во кои младите треба да се информираат за своето сексуално и репродуктивно здравје.
И уште еднаш би сакале да се потсетиме на препораките што ги донесе Комитетот на ОН за економски, социјални и културни права за Македонија во 2016 година:
- Информациите за сексуално и репродуктивно здравје да бидат достапни за јавноста, најмногу за младите; да се подобри едукацијата во училиштата од областа на сексуалното и репродуктивното здравје – базирано на најнови информации, соодветно за возраста и базирано на почитување на човековите права
- Модерната контрацепција да биде достапна и пристапна за сите, што значи и додавање на контрацептивните средства на позитивната листа на лекови опфатени од Фондот за здравствено осигурување.
Затоа, ние младите, од новата Влада, бараме да го добиеме тоа што ни следува – пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје!
Ние, младите, бараме орална контрацепција на позитивната листа и пристап до бесплатни кондоми!
Ние, младите, бараме сеопфатно сексуално образование во училиштата!
Ние, младите, бараме младински пријателски центри за сексуално и репродуктивно здравје!
ХЕРА Млади