Целта на ангажманот е спроведување oбуки и работилници за да се обучат невладините организации кои спроведуваат превентивни сервиси за ХИВ во пишувањето проектни апликации за дополнителни финансии од дополнителни донатори за одржливост на активностите.
Националниот координативен механизам (НКМ) е стручно управно тело кое има за цел да врши надзор на имплементацијата на грантовите на Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија, кои во земјава се имплементираат од 2004 година. НКМ вклучува претставници од јавниот сектор, граѓанскиот сектор, мултилатерални и билатерални агенции, академски институции, лица кои живеат со болестите, верските организации и клучните засегнати популациски групи.
Ангажманот е во рамки на активностите за одржливост кои ги спроведува НКМ и ќе се однесува на реализација на:
- Еднодневна обука наменета за сите организации кои спроведуваат превентивни активности за ХИВ, со цел зајакнување на практичните вештини на учесниците за развивање и аплицирање на предлог-проекти.
- Четири работни сесии во рамки на кои работна група од претставници на дел од организациите директно ќе работи на развивање проектна апликација.
1) Генерална цел на обуката и работилниците
Целта е учесниците да се стекнат со знаења и вештини за самостојно конципирање и разработка на развојни проекти од различни донатори, со цел обезбедување долгорочна одржливост на целите и активностите на превентивните програми за ХИВ/СИДА и туберкулоза.
2) Специфични цели
- Да се зголеми свеста за потребата од развој на партнерства, долгорочни соработки и вмрежување со цел поголема конкурентност при аплицирање за поддршка на проекти;
- Да се препознаат заемните потенцијали и капацитети за идни соработки и партнерства помеѓу граѓанските организации и државните институции;
- Да се стекнат знаења и вештини за развивање релевантни, реалистични и одржливи проектни концепти со цел максимизирање на шансите за нивно финансирање;
- Учесниците да се стекнат со практично искуство за изработка на проектен концепт и целосна проектна апликација.
3) Целна група
Граѓански организации кои работата на проблематиката ХИВ/СИДА и туберкулоза.
4) Потребни квалификации
Кандидатите кои ќе аплицираат како локални консултанти за да обезбедат соодветна консултанска обука и поддршка на невладините организации ќе треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:
- Универзитетска диплома по општествени науки
- Способности за развивање проектен концепт и проектна апликација
- Презентерски, преговарачки и комуникациски вештини
- Вештини во пишување проектни апликации за проекти на ЦИВИКА, ЕУ и ИПА механизмите за финансирање
- Способности за планирање и организација
- Течно говорење на македонскиот и англискиот јазик
- Насоченост кон навремено исполнување на зададените задачи
- Државјанство на Република Македонија
Предност ќе имаат кандидатите кои имаат искуство во:
- Пишување на проектни апликации за грантовите на ЦИВИКА, ЕУ/ИПА и имаат добиено средства;
- Работа со/во невладин сектор;
- Спроведување обуки за организации за пишување и спроведување на вакви проектни апликации.
5) Опис на ангажманот
Ангажираното лице ќе биде одговорно за:
- Реализација на еднодневна обука во периодот од 11 до 15 март 2019 година;
- Реализација на 4 работилници во периодот од 18 до 22 март 2019 година;
- Запознавање на учесниците со форматот, процедурите и приоритетите на грантовите на ЦИВИКА, Европската Унија и слични релевантни донатори при конципирање на развојни интервенции и проекти;
- Да ги познава и прикаже приоритетите и критериумите на донаторите во однос на финансирањето на проектни интервенции од нивната референтна област;
- Да ги запознае учесниците со релевантни концепти и алатки (пр. програмирање базирано на права, логичка рамка, ПАДОР, итн.).
Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантски услуги со покриен персонален данок на доход. Консултантскиот ангажман е во временска рамка на активности за еднодневна обука и 4 работилници со вкупно времетраење од 5 консултантски дена.
Пријавување
Најдоцна до 8 март 2019 година (петок, до 16 часот), заинтересираните кандидати треба да достават: 1) писмо за мотивација, 2) детална биографија. Притоа, Ве молиме да дадете детален преглед на Вашата експертиза во бараната област и да наведете телефонски број и е-пошта за контакт.
Документите треба да се достават електронски на следната е-пошта: ana.filipovska@nkm.mk
Предвид ќе бидат земени само оние кандидати кои ги исполнуваат условите и кои навремено ќе ја испратат комплетната документација. Сите кандидати кои ќе влезат во потесниот избор ќе бидат повикани на разговор при што ќе треба да ги донесат оригиналните документи на увид. Сите пријавени кандидати ќе бидат известени за одлуката најдоцна 2 дена по затворањето на повикот.