Во морето од мислења за абортусот кај нас, постојат два непобитни факти: абортусот e потреба и абортусот е задолжителен дел од здравствената заштита. Така, секојпат кога девојката или жената има ваква потреба, којашто е директно поврзана со нејзиното репродуктивно здравје, но и со општата добросостојба, здравствениот систем е должен да одговори соодветно и да ја ѝ пружи сета потребна грижа.
Ограничувањето на пристапот до абортус никојпат не се одразило позитивно на здравјето на жените. Напротив, само го загрозило, затоа што ги лишило од точни информации и ги принудило да бараат чаре на нелегален и небезбеден начин. Ова го потврдија и анонимните сведоштва од жените со коишто разговаравме летото 2017 година кога го спроведовме истражувањето со кое се документираат бројните негативни ефекти од регресивниот закон којшто беше усвоен во 2013 година.
Новиот предлог-законот за прекинување на бременоста конечно ја зголемува пристапноста на абортусот како безбедна процедура и ја става потребата на жената на прво место. Токму затоа и ХЕРА би сакала овој закон да биде изгласан и усвоен во Собранието.
Со предлог-законот конечно се отстрануваат задолжителното и пристрасно советување и тридневното чекање по советувањето, како сериозни пречки кои го уназадуваат здравјето и им го загрозуваат животот на жените. Светската здравствена организација дава јасни насоки дека многу жени веќе направиле одлука уште пред да побараат абортус, и оваа одлука треба да се почитува без да се принудува жената на задолжително советување. Водичот за безбеден абортус на оваа организација нагласува дека откако жената ја донела одлуката за абортус, абортусот треба да се обезбеди што е можно поскоро и без никаво одлагање од страна на здравствениот систем. Со новиот закон овие препораки кои се базирани на докази целосно се почитуваат.
Меѓу низата придобивки што ги носи предлог законот, особено важно е воведувањето на медикаментозниот абортус, којшто засега сè уште не е легално достапен кај нас, иако постојат сознанија дека извесен број на гинеколози имаат знаење и долгогодишно искуство во примената на овој метод, како и дека голем број жени побарале да ја прекинат бременоста токму на овој начин.
Прекинувањето на бременоста со лекови, како што е уште познат медикаментозниот абортус, не вклучува хируршка интервенција. Се извршува со помош на лекови, препишани од страна на обучен медицински персонал, кои жената може да ги употреби во својот дом. На тој начин, прекинот на бременоста се случува во приватноста на домот, за што секако е неопходна консултација со гинеколог.
Дополнително, Светската здравствена организација го препорачува медикаментозниот абортус како многу ефикасен и како најбезбеден начин за абортус во раната бременост т.е. во првите 9 недели од бременоста.
Медикаментозниот абортус се применува во повеќе од 30 земји во светот, вклучително и во голем дел од земјите во Европската Унија. Таму каде што е достапен, расте и бројот на жените коишто му даваат предност на овој метод за прекинување на бременоста.
Оттука, воведувањето на медикаментозниот абортус до 9-та недела од бременоста, којшто би можеле да го извршат и обучени матични гинеколози, ќе донесе повеќекратни придобивки за репродуктивната слобода на жената и кај нас: со зголемувањето на пристапноста на оваа здравствена услуга, се обезбедува и поквалитетна стручна грижа за здравјето на сите оние жени кои би морале да патуваат до подалечни здравствени центри за да абортираат или кои би сакале да ја прекинат бременоста на неинвазивен начин.
Со воведувањето на медикаментозниот абортус, би се зголемиле можностите за изведување безбедни абортуси, со што на жената би ѝ се понудила посеопфатна абортусна грижа. Токму затоа, апелираме да се донесе овој закон и што поскоро да се регистрираат потребните лекови за медикаментозен абортус!
Да не заборавиме дека дел од пакетот за репродуктивна заштита несомнено спаѓа и воведувањето на сеопфатното сексуално образование во училиштата, како и на контрацептивните средства на позитивна листа за да се превенира непланираната бременост кај девојките и жените.
Абортусната здравствена грижа е само мал дел од здравствената заштита на жените, но без неа не би можеле да кажеме дека државата се грижи за доброто на жените. Особено не држава којашто сака да го подобри квалитетот на живеење за сите граѓани.
Апелираме дебатата во законодавниот дом за овој предлог-закон да се води исклучиво врз основа на медицински научни докази. Со усвојувањето на овој закон, пратениците најпосле ќе ги третираат здравјето и здравствената заштита на жените во земјата така како што требаше и досега – како врвен приоритет.