ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во рамки на проектот „Родово засновано насилство: застапување и јакнење на капацитети на давателите на услуги на родово засновано насилство“, поддржан од страна на Сигрид Раусинг Фанд, објавува повик за избор на консултант/-ка за подготовка на Анализа на националните процедури, стандарди и системот на плаќањето за лиценцираните даватели на специјализирана услуга за советување на жени жртви на родово засновано насилство и жртви на семејно насилство и за услуга за третман на сторители на насилство.
Позадина
Како дел од националните заложби за елиминација на сите форми на насилство врз жените, во 2017 година Собранието на Република Македонија го усвои Законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција). Во 2018 година земјата го усвои Акцискиот план за имплементација на Конвенцијата за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство 2018 – 2023 година. Акцискиот план содржи три главни цели, кои се однесуваат на хармонизација на законската рамка со Истанбулската конвенција, воспоставување на сервиси за унапредување на заштитата на жртвите на родово базирано насилство и семејно насилство, како и превенција на насилство врз жените и семејното насилство. Во делот за воспоставување на сервиси, меѓу другото, Акцискиот план предвидува воспоставување на 10 советувалишта за психосоцијална поддршка на жртви на семејно насилство, сторители на семејно насилство и деца до крајот на 2023 година.
Според новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство усвоен во јануари 2021 година, граѓанските организации може да нудат специјализирани услуги за заштита на жените жртви на родово базирано насилство, вклучително и услуги за советување (психо-социјална поддршка, советување и третман на жени жртви на родово-базирано насилство, деца жртви на родово-базирано насилство и жртвите на семејно насилство), и во согласност со Законот за социјалната заштита и прописите од областа на социјалната заштита. Законот предвидува психо-социјалниот третман на сторителите на семејно насилство да се обезбедува во рамките на советувалиште за сторители на насилство, а задолжителното посетување на советувалиште за сторители на насилство е предвидено како една од привремените мерки за заштита од насилство.
Заклучно април 2023 година, во државата постојат 9 советувалишта за психосоцијална поддршка на жртви на насилство и едно советувалиште за третман на сторители на насилство раководени од страна на граѓанските организации. Иако овие советувалишта нудат значајна и незаменлива поддршка на жртвите на насилство и обезбедуваат третман на сторителите на насилството за промена на нивното насилно однесување, нивната одржливост е условена од недоволното и проектното финансирање од страна на меѓународните донатори и приватниот сектор.
Цели на анализата
Да се направи анализа на националните процедури, стандарди и системот на плаќањето за лиценцираните даватели на специјализирана услуга за советување на жени жртви на родово-базирано насилство и жртви на семејно насилство и за услуга за третман на сторители на насилство, односно:
– Проценка на соодветноста, односно дали и до кој степен дизајнирани националните процедури одговараат на можностите на граѓанските организации за лиценцирање како даватели на специјализирана услуга за советување и како даватели на услуга за третман на сторители на насилство согласно нивната постоечка инфраструктура и ресурси како даватели на услуги за родово засновано насилство и семејно насилство;
– Проценка на релевантноста, односно во која мера националниот систем за плаќање на специјализирана услуга за советување и услуга за третман на сторители на насилство во согласност со Законот за социјална заштита и подзаконските акти ги задоволува потребите за ефикасно оперативно менаџирање на граѓанските организации како даватели на услуги за родово засновано и семејно насилство.
Очекувани продукти
А) Деск анализа на националните стандарди, процедури и систем на плаќање за лиценцираните даватели на специјализирана услуга за советување на жени жртви на родово-базирано насилство и жртви на семејно насилство и услуга за третман на сторители на насилство;
Б) Длабински истражување со полу-структурирани прашалници (10 до 15 интервјуа) меѓу граѓански организации – даватели на услуги за родово засновано и семејно насилство, креатори и донесувачи на политики (Министерство за труд и социјална работа, Центри за социјална работа, експерти за родово засновано и семејно насилство);
Ц) Нацрт извештај од анализата, со вклучени наоди, заклучоци и препораки;
Д) Средба за валидизација од наодите, заклучоци и препораки со главните чинители вклучени во анализата;
Е) Финален извештај од анализата (најмногу 20 страници).
За оваа консултантска услуга се предвидени 15 работни дена и вкупна бруто сума од 1.500 евра во денарска противвредност. Рокот за доставување на финалните продукти е 25 октомври 2023 година.
При изборот ќе се земат предвид следните општи услови:
- Завршено високо образование, со повеќегодишно искуство во квантитативни и квалитативни истражувања, особено во областа на социјалната заштита;
- Одлични аналитички, истражувачки вештини и вештини за пишување на извештаи;
- Течно говорење и пишување на македонскиот и англискиот јазик;
- Способност за планирање и организација;
- Насоченост кон навремено исполнување на зададените задачи.
Предност ќе имаат кандидат(к)и кои:
- Напредни познавања на меѓународни и национални политики за превенција и заштита од родово засновано и семејно насилство;
- Познавање за спецификите на специјализираните услуги за родово засновано и семејно насилство и програмите за третман на сторители на насилство.
Потребни документи
- Кратка биографија на македонски јазик
- Мотивационо писмо
- Референтна листа на претходни слични ангажмани
Рокови и процедура
Јавниот повик е отворен за сите заинтересирани кандидат(к)и до 25 август 2023 година.
Документите со назнака/предмет на пораката Јавен повик за избор на Консултант/ка за анализа на процедури, стандарди и системот на плаќањето за лиценцираните даватели на услуги кандидат(к)ите можат да ги достават преку електронска пошта konkurs@hera.org.mk
Лицата коишто аплицирале ќе бидат известени за резултатите од повикот по електронски пат, во рок од најмногу 3 дена од донесувањето на одлуката за избор.
ХЕРА гарантира дека при изборот сите кандидат(к)и ќе имаат еднакви услови, без разлика на етничката припадност, родовото изразување, сексуалната ориентација, возраста, брачниот и родителскиот статус, расата, попреченоста или било која друга основа.