ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување објавува барање за прибирање понуди од физички и правни лица, за снимање, продукција и монтажа на три видео-интервјуа.
Ангажманот е во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, поддржан од страна на шведската фондација Квина тил Квина.
1. За проектот
1.1. Позадина на проектот
Вработувањето на социјално ранливите и исклучени граѓани сѐ уште претставува сериозен предизвик во Република Северна Македонија. Со невработеност, но и со тешкотии при барање работа се соочуваат речиси сите невработени лица, а особено оние најранливите: младите, долгорочно невработените лица, корисниците на социјална помош, лицата со низок степен на образование и др. Состојбата со Ромите, особено Ромките, како долгорочно невработени лица, останува еден од најзагрижувачките фактори кои го попречуваат нивното целосно вклучување во општеството.
Според последниот Попис во државата од 2002 година, застапеноста на Ромите во вкупното население во РСМ изнесува приближно 2,7 % (53.879), со што Ромите се четвртата по големина етничка заедница (по Македонците, Албанците и Турците). Од друга страна, пресметките што Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ги наведува во регионалниот Извештај за Ромите од 2006 година (Иванов и др. 2006), велат дека вистинскиот број е некаде помеѓу 220.000 и 260.000, што е над 10 % од населението. Во секој случај, тука, како и во другите делови на регионот, стапките на сиромаштија и невработеност се значително повисоки кај Ромите од оние кај мнозинската заедница.
1.2. Општа цел на проектот:
Да се зголеми учеството на жените Ромки на пазарот на трудот.
1.3.Специфични цели:
- Жената Ромка е препознаена како посебна целна група во рамките на националните механизми за вработување и програмите за вработување;
- Мерки за вработување на жени Ромки да бидат дел од локалните програми за економски развој во рамки на општините.
1.4. Целна група на проектот:
Жени Ромки активистки; локалните самоуправи; невладини организации кои работат на темите поврзани со женските прашања и инклузијата на Ромите, претставници од владини институции, ромската заедница, јавноста.
2. Опис на активноста:
Со цел да се подигне свеста на јавноста за дискриминацијата и стигмата на жената Ромка во областа на вработувањето и да се афирмира и промовира заложбата која градоначалниците ја прават за вработување на жените Ромки, предвидени се видео-интервјуа со тројца градоначалници. Интервјуата ќе бидат спроведени од Ромки активистки, кои потоа ќе бидат објавени на социјалните медиуми со цел да стигнат до пошироката јавност. Предвидено е преку оваа активност да се даде позитивен пример за општини кои работат на прашањето за вработување Ромки, а воедно да им се даде поттик и на другите општини да го следат овој пример.
Бараме физичко или правно лице чија главна одговорност ќе биде продукцијата на три видео-интервјуа за горенаведениот проект во рамките на кампањата на социјалните медиуми. Физичкото или правното лице треба да има искуство и вештини во осмислување и изготвување на промотивни видеа и видеа за застапување од најмалку три години.
3. Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:
- Најмалку три години работно искуство во креативни проекти и реализација на промотивни видеа;
- Најмалку 3 години искуство во продукција и постпродукција на видео-материјали;
- Докажано портфолио во изработка на исти/слични продукти,
- Активно познавање на глобалните трендови во областа на адвертајзингот;
- Предност ќе имаат кандидати со искуство во работа со/во невладиниот сектор.
4. Изведувачот ќе биде одговорен за:
- Осмислување на сценарија за видеата, во тесна соработка со проектниот тим
- Снимање, продукција и монтажа на три видео-интервјуа
- Секојдневна комуникација и координација со проектниот тим
5. Продукти кои треба да се донесат за време на ангажманот:
- Снимање, продукција и монтажа на три видео-интервјуа
Обврските ќе се спроведуваат надвор од канцелариите на ХЕРА.
6. Рок за спроведување:
Работата на оваа активност се очекува да биде спроведена во период од 16 до 27 ноември 2020 година.
Најдоцна до 5 ноември 2020 година до 16.30 часот сите заинтересирани треба да обезбедат и достават:
6.1. За правни лица:
- Референци (портфолио) за Понудувачот во подготовка и испорака на ваков тип услуги;
- Финансиска понуда во приложениот формат.
6.2. За физички лица:
- Детална биографија;
- Референци (портфолио) за подготовка и испорака на ваков тип услуги;
- Финансиска понуда во приложениот формат.
Предвид ќе бидат земени само оние понуди од физички или правни лица кои ги исполнуваат условите и кои ќе испратат комплетна документација.
7. Начин на избор:
ХЕРА, во согласност со одредбите од договорот на проектот, ќе спроведе повик со прибирање на најмалку 3 (три) понуди.
Критериум за избор, покрај цената, е искуството во подготовка на видеа од областа на маркетингот и застапувањето (портфолио на организацијата и прилог на претходно изработени видеа).
Сите кандидати ќе бидат известени за резултатите од барањето за прибирање понуди за ангажирање на физичко или правно лице за видео продукција, по електронски пат, во рок од 5 дена по затворањето на конкурсот.
Документите со назнака/предмет на пораката Понуда за ангажирање на физичко или правно лице за видео продукција можете да ги доставите на следниов начин:
По електронска пошта: olivera.stojkovska@hera.org.mk
По пошта: ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26, Скопје, со назнака Понуда за ангажирање на физичко или правно лице за видео продукција.
Нецелосните пријави и пријавите пристигнати по крајниот рок нема да бидат разгледувани.