Ова е уште едно од низата интервјуа со Ромки што ќе ги објавиме во следниот период, во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, финансиран од шведската фондација „Квина тил Квина“. Целта ни е да ја подигнеме јавната свест за дискриминацијата и стигмата за жената Ромка во областа на вработувањето. Преку споделување позитивни приказни на успешни Ромки сакаме да ги поттикнеме идните генерации да се образуваат, да градат кариера и да станат еднакви во општеството.
Фикрија Таир е млада Ромка од просечно ромско семејство. Пријателите би ја опишале како креативна, борбена, директна и праведна. Фикрија е магистер по јавни политики при Централноевропскиот универзитет (ЦЕУ) во Будимпешта и дипломиран економист при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а моментално ја завршува втората магистратура во областа Финансии на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ). Беше стипендист на Ромскиот образовен фонд и на ЦЕУ од Будимпешта, како и алумнист на „Ромаверзитас“. Дел е од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија како Надворешна соработничка, советничка за прашања од областа на мултикултурализмот, политиките, стратегиите и програмите за инклузија на Ромите во Република Северна Македонија.
Како малечка, сонувавте ли да бидете тоа што сте денес?
Како повеќето деца, сонот го градев и менував со текот на годините. Основното образование го завршив во ОУ „Рајко Жинзифов“ во Топанско Поле во Чаир, а средното во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Центар. Бев одлична ученичка со сите петки, бунтовна, но и праведна. Мојата посебна љубов кон музиката, спортот и математиката ја негував како дел од училишниот спортски клуб, училишните хорови и на натпревари по математика, а одлично се снаоѓав и во „острите“ дебати како претставник на класот. Поради мојот темперамент, честопати моите наставници ми велеа дека во иднина ме гледаат како борец за подобро утре на мојата заедница. Борбата ја продолжив во граѓанскиот сектор, а на позицијата на која што сум денес ме мотивираа и сакаа да ме видат дел од моите наставници, колеги и соработници.
Задоволна сум што со остварување на моите цели за себеградење и со досегашната борба успеав да ја усовршам експертизата и да стекнам искуство што денес, како дел од Кабинетот на Претседателот, ми овозможува да правам промени за државата и мојата заедница што ми претставува чест и гордост.
Како стигнавте дотука?
Верувам дека предизвиците како во образованието, така и во професијата за сите, па и за мене се неизбежни. На почетокот, како ученичка, не можев да сфатам дека морам да вложувам многу повеќе труд за да ја заслужам највисоката оцена, ниту пак ми беа сосема јасни коментарите дека сум „поразлична“ од другите и дека сум исклучок. Во околината каде што растев и се образував постоеја луѓе со ставови полни со стереотипи и предрасуди за ромската заедница кои на прв поглед во мене гледаа само едно девојче со потемна боја на кожата кое треба истите тие ставови да ги оправда. Тоа не се случи, па многу често нивните ставови се менуваа. Без да знам, растев и се надоградував така што разликите ги надминував најпрво во мојот клас, па потоа и во семејствата на моите соученици, наставници, професори и колеги.
Отсекогаш настојував да си поставам остварливи цели кои можам да ги постигнувам со лично вложување, но и со мотивирање на луѓето околу мене и со давање личен пример дека со макотрпна работа и рационално искористување на потенцијалот може да се оствари зацртаното. Предизвиците ми беа само мотив плус за да го остварам зацртаното. Така, денес сум образована жена што ме прави конкурентна на пазарот на трудот и ми дава можност да сум економски независна. Денес работам на позиција преку која имам одговорност пред мојата заедница, но и државата.
Како млада Ромка денес имам уште поголеми предизвици поради општествените предрасуди и очекувања кои добиваат повеќе димензии со кои треба да се изборам за да создадам еднаков старт и да делувам. Разликата од тогаш и сега е мојата свесност за постоењето на тие предизвици и дека тие не се „нормална појава“ со која треба да се помирам. Советите од моите родители и примерите од многу храбри и силни жени, почнувајќи од мајка ми, ми се надеж и поттик дека жената треба да игра значајна улога во заедницата и во надминувањето на предизвиците.
Мислите ли дека срушивте некој стереотип попат?
Верувам дека мојата цврста решителност да ги надминам неизбежните предизвици и пречки, придонесоа да ги намалам стереотипите и предрасудите за мојата заедница кај луѓето од околината. Добар дел од мојот живот не бев свесна дека постојат такви појави токму поради воспитувањето од родителите кое, пак, ми помогна најпрво јас да ги надминам разликите, предрасудите и стереотипите наметнати од општеството, а потоа и тие појави да не ме демотивираат во моите активности. Задоволство ми претставува да ги гледам промените и резултатите за кои сум се вложила без да размислувам дали јас би ги добила заслугите.
Постои позитивен исчекор на жената во ромската заедница за што сите сме сведоци преку примери на успешни Ромки во својата професија и област на делување. Сепак, потребно е уште да работиме на поголемо охрабрување, поддршка од институциите, семејството и заедницата во надминување на општествените предрасуди за улогата на жената во општеството.
Кога ќе погледнете низ годините наназад, кој ви беше најголемата поддршка? Од каде дојде најголемото охрабрување за да станете ова што сте сега?
Најголемата поддршка ја добивам од моето семејството, а тука се и блиските пријатели со кои меѓусебно се мотивираме и охрабруваме. Голема поддршка во стекнувањето на образованието и вештините од финансиски аспект покрај родителите, ми беа и отворените можности за стипендирање и професионално усовршување кои ги добив од Ромскиот едукативен фонд, Централноевропскиот универзитет и невладините организации, за што сум многу благодарна. Работам следејќи ја моралната обврска да ја мултиплицирам поддршката што сум ја добила и да ја вратам во заедницата. Поддршката во образованието и натаму е поттик за младите Роми од кои заедницата очекува да го искористат својот капацитет, лично да се надградат, но и да покажат спремност во задачата да ги адресираат потребите на ромската заедница.
Што најмногу Ве исполнува во вашата работа?
Во работата ме исполнува градењето на успешна соработка со луѓето со кои работам, контактот со заедницата, успешно реализираните задачи, како и фактот дека имам можност да го ставам во функција мојот професионализам, да советувам и директно да ги адресирам потребите на ромската заедница во рамки на надлежностите на институцијата во која работам. Ме исполнува и фактот дека моето знаење, вештини и визија за делувањето во работата беа препознаени и пресудни за да бидам одбрана за советничка во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија. Оваа можност мене, како млада личност која не е член на ниту една политичка партија, но и на луѓето во мојата околина, почнува да ни ја враќа довербата во институциите на државата. Сметам дека овој пример треба да биде пракса и во останатите области и институции за да можеме да правиме стратешки промени во државата затоа што „само неколку ластовички не ја носат пролета“.
Како Вашата работа го прави светот подобро место за ромската заедница?
Како заедница, сè уште е потребно да градиме простор, да се избориме за еднаков старт во нашето општество и да бидеме партнери на институциите во државата кои имаат обврска да ја подобрат состојбата на Ромите кои се граѓани во државата. Преку моето волонтерство и работа секогаш ја чувствувам одговорноста и потребата да придонесам во колективните потреби на ромската заедница. Мило ми е што мојата упорност и отвореноста на Кабинетот на Претседателот во изминатиот период придонесоа да се препознаат дел од потребите на ромската заедница и почнавме да делуваме и да ги адресираме во рамки на нашите надлежности.
Кое е вашето мото? Каков совет и мотив би им порачале на младите Ромки?
Секогаш имаме можност да реагираме на неправдата која ја гледаме, да му помогнеме на оној кој има потреба и да ги постигнеме нашите цели на достоинствен начин и со личен труд. Сè што треба да направиме е да одлучиме да делуваме на тој начин, да ја согледаме потребата, да се бориме и да го искористиме сопствениот потенцијал со силна верба во себе. Иако е во повеќе наврати стигматизирана, Ромката може одлично да се снаоѓа во сите улоги кои и‘ се наметнати од страна на општествените, моралните и традиционални вредности врзани за родот и етничката заедница. Доказ за тоа се нашите предци кои имале далеку полоши услови од нас. Во овој контекст ве охрабрувам да ги поставите и доследно да ги следите вашите цели, отворено да разговарате за вашите потреби и предизвици, да бидете солидарни и безусловно ја давате вашата поддршка на идните генерации сè со цел заедно да ги надминеме или во најмала рака да ги сведеме на минимум предизвиците со кои се соочуваме.
Фотографии: Сашо Н. Алушевски и К. Георгиевски