Ова е уште едно од низата интервјуа со Ромки што ќе ги објавиме во следниот период, во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, финансиран од шведската фондација „Квина тил Квина“. Целта ни е да ја подигнеме јавната свест за дискриминацијата и стигмата за жената Ромка во областа на вработувањето. Преку споделување позитивни приказни на успешни Ромки сакаме да ги поттикнеме идните генерации да се образуваат, да градат кариера и да станат еднакви во општеството.
Амиде Шаќири е сопруга и мајка на две прекрасни дечиња. Амбициозна, позитивна и трудољубива личност. По професија е дипломирана професорка по одделенска настава и е вработена во О.О.У „26 Јули“ во Шуто Оризари – Скопје како одделенски наставник кој неизмерно си ја сака работата.
Како малечка, сонувавте ли да бидете тоа што сте денес?
Како и секое малечко дете, и јас имав соништа за тоа што ќе бидам кога ќе пораснам. Па така, уште од малечка сонував да бидам наставничка. Како деца, честопати со другарките си игравме наставнички, а јас секогаш уживав во улогата, па можеби уште од тогаш ми се појави желбата за работа со деца и за раководење и организирање на часовите.
И да! Секако дека ми се оствари сонот, сега сум наставничка. Отсекогаш сум сакала да им помагам на другите кои имаат тешкотии во учењето и несебично да го споделам своето знаење и да помогнам каде што можам со својата стручност во областа на образованието. Памтам, еден од моите професори на факултет имаше обичај да каже: „Не е битно колку многу знаете, битно е како ќе го пренесете знаењето.“
Како стигнавте дотука?
Образованието не ми донесе којзнае какви предизвици. Се образував во државната квота и земав стипендија од Ромскиот образовен фонд. Со повеќе предизвици се соочив при вработувањето.
Искрено долго време чекав соодветно вработување во согласност со мојата струка. Првото искуство ми беше работа како тутор преку проект имплементиран од страна на невладини организации, каде им држев дополнителни часови на ученици Роми. Потоа мал период работев како заменски наставник во едно основно училиште. За кратко време стекнав искуство, вештини и проширени знаења од различни области додека работев во Граѓанското здружение „Ромаверзитас”. И кога најмалку очекував, кога почнав да губам надеж дека никогаш повторно нема да работам како наставник, за моја среќа пријатели ме препорачаа како соодветна за струката одделенски наставник за што им сум премногу благодарна. Сето искуство кое го собирав со години, сега со задоволство им го пренесувам на моите деца- ученици.
Мислите ли дека срушивте некој стереотип попат?
ДА! Јас верувам дека срушив и постојано се обидувам да срушам стереотипи и предрасуди кои секојдневно ги согледувам кај луѓето. Повеќето луѓе мислат дека Ромите се необразовани и некултурни. Кога за првпат се среќавам и запознавам со лице кое припаѓа на друга етничка заедница, не верува дека сум Ромка бидејќи сум наставничка, со завршено високо образование. Во тој момент, луѓето веднаш ја менуваат перцепцијата која ја имаат за Ромите. Кога луѓето ќе ми кажат дека не сум како другите Ромки, реагирам и со примери им посочувам дека ромската заедница веќе има голем напредок во делот на образованието и дека постојано расте бројот на студенти, на дипломирани и магистри. Сиот овој продуциран кадар е подеднакво професионален и конкурентен на пазарот на трудот.
Кога ќе погледнете низ годините наназад, кој ви беше најголемата поддршка? Од каде дојде најголемото охрабрување за да станете ова што сте сега?
Најголемата поддршка отсекогаш ја имав од моите родители кои сакаа да имам своја кариера особено бидејќи сум женско, за да можам да застанам на свои нозе подоцна и да бидам независна. При првата половина од студиите се омажив и тогаш сите мислеа дека ќе прекинам со образованието, но мојот сопруг отсекогаш ми беше голема поддршка за сите мои одлуки, двоумења и ставови. Иако бев мажена, редовно одев на предавања, што за ромско семејство може да биде малку чудно, „невеста“ да оди на факултет. Сега имам две прекрасни деца кои заедно со сопругот ги растеме образуваме и воспитуваме без делење на улогите. Слободно можам да кажам дека имам огромна поддршка од мојот сопруг за сè.
Што најмногу Ве исполнува во Вашата работа?
Многу е важно човек да ја работи работата што ја сака, а јас ја имам таа привилегија. Пред сè, многу ми е мило што работам со деца Роми, давам сè од себе само за да научат нешто повеќе. Особено ми е мило кога ќе видам дека кај децата има резултати, и тогаш си велам дека ова е токму тоа што треба да продолжам да го правам. Едноставно ме исполнува тоа што ја имам таа можност да ги учам децата од мојата заедница, да имаат подобра иднина, да напредуваат во образованието и да бидат еднакви во општеството.
Како Вашата работа го прави светот подобро место за ромската заедница?
Доколку ние како наставници ги учиме децата не само на знаење од предвидената програма, туку и на лекции од реалниот свет, ги советуваме, ги насочуваме кон подобра иднина така што ги храбриме да продолжат со образованието, кога тоа би се пренесувало од генерација на генерација, тогаш светот за ромската задница би бил поинаков и подобар. Мислам дека ние како просветни работници имаме голема улога бидејќи не само што им предаваме на децата, туку и ги подготвуваме за понатаму во животот, им помагаме да си го најдат местото под сонцето. Ромите сакам да ги видам во сите сфери на општественото живеење, ете тоа е мојот главен мотив и предизвик.
Кое е Вашето мото? Што би им порачале на младите Ромки?
Би им порачала на младите Ромки, пред сè, да учат, да продолжат со своето образование без разлика дали се во брак или не. Никогаш не откажувајте се од вашите соништа, дајте го максимумот од себе! Работете ја работата која најмногу ве исполнува! Можам јас, можете и вие!
Фотографии: Сашо Н. Алушевски