Ова е уште едно од низата интервјуа со Ромки што ќе ги објавиме во следниот период, во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, финансиран од шведската фондација „Квина тил Квина“. Целта ни е да ја подигнеме јавната свест за дискриминацијата и стигмата за жената Ромка во областа на вработувањето. Преку споделување позитивни приказни на успешни Ромки сакаме да ги поттикнеме идните генерации да се образуваат, да градат кариера и да станат еднакви во општеството.
Алма Мустафовска Салимовска е родена во Крива Паланка, каде што го има завршено основното и средното образование. По завршувањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, две години стажирала како приправник во адвокатска канцеларија, па била ангажирана во Истражувачки центар за граѓанско општество Скопје, здружение на граѓани за обезбедување на бесплатна правна помош на лица без државјанство и на баратели на азил, како правничка. Во меѓувреме го положила правосудниот испит, па адвокатскиот испит, бидејќи е генерација на правници кои мораа да имаат положено адвокатски испит, како еден од условите за упис во Именикот на адвокати на Адвокатската комора на РСМ. Од 2009 година до денес таа работи како самостоен лиценциран адвокат со сопствена канцеларија во Скопје.
Истовремено е сопруга и мајка на две прекрасни деца – Иан и Ина.
Како малечка, сонувавте ли да бидете тоа што сте денес?
Како дете имав повеќе желби за мојата идна професија. Сакав да бидам археолог, учителка, докторка. Како растев, професиите се менуваа, во средно размислував да се запишам на Економскиот факултет во Скопје бидејќи мајка ми е економист и имав некакви предзнаења што би можела да работам, но веќе во четвртата година од средното образование повеќе почна да ме привлекува Правниот факултет и можноста некогаш да станам адвокат. И тоа сум денес.
Како стигнавте дотука?
Бидејќи потекнувам од образовано семејство во кое на образованието секогаш му се придавало големо значење, продолжувањето на моето образование во високо образовните институции за мене беше задолжително. Но и мојот избор отсекогаш беше образованието. Уште во средно учествував речиси во сите воннаставни активности и секции, и голем број натпревари – неколку пати имам освоено прво место на регионални, па потоа и на државни натпревари.
Како секој средношколец и студент и јас се соочував со предизвици, подеми и падови, но секогаш се трудев од нив да извлечам поука која ќе ми даде поголема желба и мотивација побрзо да ги завршам обврските поврзани со образованието. Кога го завршив средното образование, најголем предизвик ми беше да се запишам на Правниот факултет, особено зашто за приемниот испит требаше да спремам стручно-правни предмети, кои ми беа новина бидејќи завршив општа гимназија. Потоа, предизвик ми беше адаптацијата во нова средина: бидејќи потекнувам од Крива Паланка, мало гратче, голем предизвик беше да се навикнам на Скопје и на живеењето сама. Но мислам дека тоа ме направи самостојна, поснаодлива и посилна. Во текот на студирањето секој испит ми беше предизвик и мотивација да спремам друг испит и побрзо да го завршам факултетот. И успеав.
По завршување на факултетот и стажирањето во адвокатска канцеларија, мора да признаам дека навистина имав среќа, и веднаш почнав со работа во Информативен центар за граѓанско општество како правничка.
Но и покрај тоа што веќе работев како правничка, желбата да станам адвокат се уште тлееше во мене и со истрајност и упорност успеав да ја постигнам – да бидам адвокат.
Не ме поколебаа неуспесите, но ме мотивираа успесите и поддршката. Поддршката од моите родители во текот на студирањето и поддршката од мојот сопруг кога започнав со адвокатура беа од голема важност во градењето на мојата кариера. Мислам дека не е за потценување и поддршката и разбирањето кое го имам од моите дечиња кои иако се сè уште мали, имаат разбирање кога мама мора да излезе да се сретне со некој клиент или ќе остане малку подолго во канцеларија.
Мислите ли дека срушивте некој стереотип попат?
Ако се земе предвид дека живееме во општество каде што стереотипите, предрасудите, дискриминацијата и маргинализацијата се присутни, особено спрема ромската етничка заедница, верувам дека срушив барем еден стереотип, односно докажав дека и Ромите може да бидат образовани и успешни во својата професија подеднакво како и сите други.
Јас отсекогаш се чувствував и се чувствувам подеднакво вредна и успешна како и сите мои соученици/колеги/адвокати независно од мојата етничката припадност. Во моето 18-годишно работно искуство, делумно како правник и адвокат, потпирајќи се на мојата професија и вештини кои ги поседувам, давам придонес за подобрување на состојбата на Ромите во земјата. Со моето образование, мојот труд и целосна посветеност во тоа што го работам, денес пред судот и другите управни органи застапувам клиенти од различна националност. Ангажирана сум како адвокат од владини и невладини институции, пред сè, за промоција и заштита на човековите права и слободи со акцент на заштитата, остварувањето и пристапот до правата на Ромите. Од досегашното искуство сметам дека мојата етничка припадност не е предуслов за да ме ангажираат како адвокат во која било постапка туку моето образование, мојот квалитет, капацитет и ефикасност во успешното завршување на постапката. Се чувствувам и сум целосно интегрирана личност во сите сегменти од нашето општеството.
Верувам дека и моите деца, а и голем дел од младите генерации Роми, ќе продолжат по моите стапки, бидејќи само образованието може да ги сруши сите стереотипи и предрасуди.
Кога ќе погледнете низ годините наназад, кој ви беше најголемата поддршка? Од каде дојде најголемото охрабрување за да станете ова што сте сега?
Потекнувам од образовано ромско семејство, кое на образованието му придава приоритетно значење. Ваквиот однос и разбирањето на образованието како клучен фактор за индивидуално и професионално оформување на личноста, која со своите вештини ќе придонесе во развојот на општеството како негова интегрална единка, беше всадено во мене уште во раните детски денови.
Со ваквиот однос кон образованието, но пред сè, безусловната поддршка од моите родители во текот на образованието – надградени со мојата голема желба, упорност и подготвеност да се соочам со предизвиците – јас го постигнав мојот успех и со гордост велам дека сум првата Ромка адвокатка во Република Северна Македонија.
Голема поддршка секако дека имам и од мојот сопруг, особено што адвокатурата како професија бара големо ангажирање, посветеност, одговорност и многу работа.
Што најмногу Ве исполнува во Вашата работа?
Мојата цел и сон се исполнети – денес сум адвокат, но амбицијата и желбата за нови знаења сè уште постојат. Со оглед на фактот дека го работам тоа што го сакам, ме исполнува секој сегмент од работата, почнувајќи од разговорот со клиентите до застапувањето пред судовите и институциите. Најмногу од сè – успешно завршен предмет.
Како Вашата работа го прави светот подобро место за ромската заедница?
Мојата работа не може да го направи светот подобро место за ромската заедница, но може барем во мал процент да ја подобри состојбата на Ромите во државата, да им го подобри и олесни пристапот до правдата и до остварување на нивните права пред институциите.
Воедно можам да ги мотивирам младите Роми да ме следат во поглед на образованието и да бидам пример за нив, дека и Ромите може да станат успешни адвокати независно од нивната етничка припадност.
Кое е Вашето мото? Што би им порачале на младите Ромки?
Образованието е достапно за сите граѓани во Република Северна Македонија. Но, за да бидеш успешен, независно на која етничка заедница ѝ припаѓаш, покрај соодветно образование, потребни се и јасно дефинирање на целта, амбиција, мотивираност, целосна посветеност во тоа што работиш, самодоверба, самопочит и најбитно – нема откажување од сонот. Не дозволувајте малите пречки во текот на образовниот процес да ве демотивираат затоа што и јас и други секојдневно се соочуваме со различни предизвици и пречки. Само гледајте напред и потсетете се дека успехот се темели на образование, посветеност, подеми и падови.
Фотографии: Сашо Н. Алушевски