Проектот „Една слика – една можност“, што ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување го спроведува со поддршка од Фондацијата Отворено општество Македонија, предвидува активности за прибирање средства наменети за децата жртви на семејно насилство и за нивните семејства, корисници на нашите центри и услуги. Се планира организирање на еднодневен јавен донаторски настан во вид на аукција на која ќе се продаваат уметнички дела од домашни автори.
ХЕРА им обезбедува сигурност и заштита на жртвите, особено од ромската заедница, од идно насилство, односно помош за надминување на последиците од веќе доживеаното насилство. Овие деца и нивните семејства добиваат правна и психо-социјална помош и поддршка во рамки на нашиот Прв семеен центар во Град Скопје.
Ве покануваме да ни ги доставите Вашите понуди најдоцна до 1 февруари 2019 година до 16.00 часот по електронски пат на konkurs@hera.org.mk и по пошта нa ХЕРА, ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26, 1000 Скопје.
Во делот на технички спецификации се обезбедени информации и детали за поедноставно осмислување на понудата.
Инструкции за понудувачите
- Договорен орган
Договорен орган е ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување со адреса на ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26, 1000 Скопје, телефон за контакт 02/2390 395, факс 02/2556 002.
Лице за контакт кај договорниот орган е Милош Стојановиќ, телефон 3292-395, факс 2556-002, електронска адреса milos.stojanovik@hera.org.mk.
- Предмет на договорот за набавка
Предмет на договорот за набавка е организирање на еднодневен јавен Донаторски настан – Аукција на уметнички дела во Скопје.
Детален опис на предметот на договорот е даден во техничките спецификации во прилог на оваа документација.
- Начин на испорака/извршување на услугата
Носителот на набавката е должен предметот на договорот да го испорача на поштенската адреса ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26 1000 Скопје и по електронски пат на konkurs@hera.org.mk.
- Рок на испорака/за извршување на услугата
Носителот на набавката е должен да го испорача предметот на договорот во рок од 20 работни денови од денот на склучување на договорот за набавка.
- Начин на плаќање
Плаќањето ќе се изврши по предавањето на готовиот продукт.
- Право на учество
6.1. Право да достави понуда има секое заинтересирано домашно правно лице – понудувач кое е регистрирано за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за набавка.
6.2. Економскиот оператор во рамки на иста постапка за доделување на договор за набавка може да учествува само во една понуда. Сите понуди ќе бидат отфрлени ако економскиот оператор:
– учествува во повеќе од една самостојна и/или како член во групна понуда или
– учествува како подизведувач во друга самостојна и/или како член во групна понуда.
6.3. Лицата кои учествувале во изработката на тендерската документација не смеат да бидат понудувачи или членови во група на понудувачи во постапката за доделување на договорот.
- Критериуми за утврдување на способност на понудувачите
За да учествуваат во постапката за доделување на договор, понудувачите мора да ги исполнуваат следниве критериуми за утврдување на нивната способност:
7.1. Лична состојба
- во последните 5 години, на понудувачот да не му била изречена правосилна пресуда за учество во злосторничка организација, корупција, измама или перење пари;
- на понудувачот да не му е изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за набавка и договори за јавно приватно партнерство;
- на понудувачот да не му е изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност;
- понудувачот да не е во постапка за стечај или во постапка за ликвидација;
- понудувачот да нема неплатени даноци, придонеси или други давачки освен ако на економскиот оператор му е одобрено одложено плаќање на даноците, придонесите или другите давачки во согласност со посебните прописи и истите редовно ги плаќa;
- на понудувачот да не му е изречена прекршочна санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење одделна дејност, и
- понудувачот е должен да дава точни податоци и да ги доставува податоците што ги бара договорниот орган.
7.2. Способност за вршење професионална дејност
Понудувачот треба да е регистриран како физичко или правно лице за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за набавка или да припаѓа на соодветно професионално здружение согласно со прописите на земјата каде што е регистриран.
7.3. Техничка или професионална способност
Критериуми за утврдување на техничката или професионалната способност на понудувачот се: работни ангажмани во областа на социјалната правда и борбата против дискриминација, како и работа на кампањи на невладини организации.
- Начин на докажување на способноста на понудувачот
Понудувачот го потврдува исполнувањето на критериумите за утврдување на личната состојба, професионалната дејност и професионалната способност со изјава која ја доставува во прилог (Прилог 2) на својата понуда и со поднесување на биографија на компанијата (Прилог 4).
- Изготвување и поднесување на понудите
9.1. Понудата се изготвува во согласност со условите предвидени во тендерската документација во електронска и во печатена форма, со користење на обрасците дадени во прилог.
9.2. Елементи на понудата
Понудата треба да е составена од следниве елементи:
- Образец на понуда (Прилог 1)
- Изјава (Прилог 2)
- Листа од предложени модератори (Прилог 3)
- Биографија на компанија со истакнати работни ангажмани за комуникациски материјали во областа на организирање настани и работа на кампањи на невладини организации (Прилог 4)
- Документ за регистрирана дејност
9.3. Јазик на понудата
Понудата, како и целата кореспонденција и документи поврзани со понудата кои се разменуваат со понудувачот, се пишуваат на македонски јазик со користење на неговото кирилско писмо.
9.4. Период на важност на понудата
Периодот на важност на понудата ќе изнесува 20 работни денови од денот утврден како краен рок за поднесување на понудите/на јавното отворање за чие времетраење понудата во сите нејзини елементи е обврзувачка за понудувачот.
9.5. Цена на понудата
Цената на понудата се пишува со бројки и букви.
9.6. Валута на понудата
Цената на понудата се изразува во денари.
- Затворање и обележување на понудите
10.1. Понудувачот го приложува оригиналниот примерок во затворен внатрешен плик кој го содржи називот на понудувачот со целосна и точна адреса.
Внатрешниот плик се приложува во затворен надворешен плик кој:
- е адресиран со точна адреса на договорниот орган,
- во горниот лев агол стои ознака „НЕ ОТВОРАЈ“
„НЕ ОТВОРАЈ“ За оглас:
“Една слика – една можност”; ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26 1000 Скопје
10.2 Краен рок и место за поднесување на понудите
Краен рок за поднесување на понудите е 1 февруари 2019 година до 16.00 часот. Понудите се поднесуваат електронски на konkurs@hera.org.mk и по пошта на ХЕРА ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26 1000 Скопје.
10.3. Понудата која е поднесена по истекот на крајниот рок за поднесување на понудите нема да биде примена.
- Критериум за доделување на договорот
11.1 Критериум за доделување на договорот за набавка е економски најповолна понуда.
За носител на набавката ќе биде избран оној економски оператор чија понуда ќе биде оценета како економски најповолна, односно која ќе освои најголем број на бодови како збир на бодовите за секој елемент на критериумот економски најповолна понуда.
11.2 Како елементи на критериумот економски најповолна понуда се земаат:
- цената – 60 бодови
- сценарио за настан и креативно решение на Кампањата за собирање средства – 40 бодови
- Информации од доверлив карактер
12.1. Договорниот орган ќе ги заштити информациите кои економскиот оператор ги има означено како доверливи, особено кога станува збор за деловна тајна или права од интелектуална сопственост, освен во случаите каде што по сила на закон договорниот орган е должен да ги достави овие информации до надлежните органи.
12.2. Доколку економскиот оператор не ја достави листата на доверливи информации заедно со својата понуда, договорниот орган ќе смета дека предметната понуда не содржи информации од доверлив карактер.
12.3. Цената на понудата не се смета за доверлива информација во ниту еден случај.
- Известување за доделување на договорот за набавка
13.1. По завршувањето на изборот, до сите учесници автоматски се испраќа известување за економскиот оператор којшто поднел најповолна понуда во текот на негативното наддавање. Известувањето е од информативен карактер и не предизвикува правни последици.
13.2. Избраниот најповолен економски оператор ќе биде известен во електронска форма дека неговата понуда е прифатена, најдоцна во рок од 3 дена од донесувањето на одлуката за избор на најповолната понуда. Во исто време, и сите други економски оператори ќе бидат известени за резултатите од тендерот, односно за одлуката кој е најповолен економски оператор, како и за причините за неизбор на нивната понуда.
Технички спецификации
Предметот на набавка е поделен на следните делови:
Дел 1: Креативно решение за кампања за собирање средства
Дел 2: Идеја/Сценарио за настан – Аукција на уметнички дела
Дел 3: Листа од предложени модератори за настан
Дел 4: Портфолио од организирани настани и кампањи
Позадина
Проблемот со семејното насилство не привлекува посебно внимание во пошироката јавност, освен кога се работи за случаи со брутални последици по членовите на семејството. За тие случаи јавноста најчесто дознава од полициски извори или, пак, од медиумите. Овој вид на насилство не претставува изолирано или еднократно дејствие. Според етничката припадност, состојбата со семејното насилство меѓу жените и децата од ромската етничка заедница е особено алармантна со забележана преваленца од 72,2%. Иако се прават напори за спречување и решавање на проблемите што потекнуваат од семејното насилство, праксата покажа дека институциите треба и натаму да ја подобруваат заштитата на жртвите и меѓу-институционалната координација, а особено да работат на подигање на јавната свест. Покрај дискриминацијата и стигматизацијата, непостоењето на специјалиризани сервиси претставува уште проблем со кој се соочуваат жртвите на семејно насилство. Акцијата пружа можност за подигање на јавната свест за потребата од одржливи сервиси за помош и поддршка на децата и семејствата жртви на семејно насилство.
Според Националната стратегија за спречување и заштита од семејно насилство (2012-2015), „Генерално, за целата популација е утврдена преваленца за сите видови на семејно насилство од 37,7%, а само за жените е повисока (39,4%)…”. Препораките, пак, од Финалниот извештај на УНИЦЕФ насловен „Превенција, идентификација, пријавување и упатување во случаи на насилство врз деца: преглед на национални механизми за одговор“ велат дека „треба да има развој на критериуми и воспоставување на специјализиран, стандардизиран сервис за деца – жртви на насилство“.
Првиот семеен центар на ХЕРА е првото специјализирано советувалиште кое им нуди советување на семејства кои се во конфликтни односи, во кои акутно се врши насилство или, пак, во кои постоело семејно насилство. Во 2017 година, во ПСЦ се дадени 876 услуги, а имало 208 корисници од кои 90 биле жртви на семејно насилство, 29 сторители на семејно насилство, 43 малолетни деца и 46 други членови на семејството.
Студија на случај: Атиџе е една од нив. Таа е на возраст од 14 години, ученичка е во деветто одделение, има постар брат (20 години), а нејзините родители ја прекинале брачната заедница пред околу 6 месеци. Таа, заедно со своите родители, се упатени на советување во Првиот семеен центар од страна на месно надлежен Центар за социјална работа. Атиџе била сведок на низа насилни ситуации каде што татко ѝ психички и физички ја малтретирал мајка ѝ, а тоа на неа се одразило многу сериозно. Постојано била под стрес, започнала да се затвора во себе и да избегнува контакти со други лица, па дури почнала да се бори и со депресија што кулминира со обид за самоубиство во текот на разделбата на родителите. При обидот за самоубиство таа остава и кратко писмо до семејството дека многу ги сака и да не се грижат повеќе за неа. Во почетокот, поддршката подразбираше нормализирање искуството, намалување на вознемиреноста и планирање на безбедна средина, а сега е насочена кон развој на самодовербата, елиминирање на самообвинувањето, како и на позитивни модели на улоги и развивање социјални вештини. Со мајката се работи на надминување на доживеаната траума и бројните последици од долгогодишното насилство, како и на позитивни родителски стратегии. Со таткото во моментот се работи на паралелно прифаќање на одговорноста за насилството и надминување на ваквиот начин на однесување, како и на родителските вештини.
Преку овој пример ја потенцираме важноста од постоењето на Првиот семеен центар во Град Скопје. Тој нуди бесплатни и доверливи услуги за психо-социјална поддршка на жртви и сторители на семејно насилство.
На настанот АУКЦИЈА очекуваме да се приберат средства преку продажба т.е. наддавање за уметнички дела од страна индивидуални донатори – жени менаџери, политичарки, јавни личности и функционери. Настанот и кампањата за собирање средства ќе послужат како алатка за мобилизација на институциите за отворање на вакви центри, а собраните средства ќе се искористат за потребите на децата жртви на семејно насилство: обезбедување психо-социјална поддршка, организирање креативни катчиња, училишна опрема и детски пакети со нутритивни намирници и средства за хигиена.
Повеќе информации:
Посетете ја Фесјбук-страницата на ПСЦ или, пак, официјалната страница на ХЕРА.
Цели на настанот:
- Да се овозможи континуирана и систематизирана помош и поддршка на децата и семејствата жртви на семејно насилство преку специјализирани сервиси.
- Специфична цел на аукцијата е да се обезбеди одржливост на Првиот семеен центар за давање услуги – правна и психо-социјална помош и поддршка на децата и семејства жртви на семејно насилство.
Целна група на настанот:
Примарна: потенцијални донатори (уметници, жени од бизнис-секторот, жени јавни личности, политичарки, поединци и веќе постоечки донатори на ХЕРА).
Секундарна: деца и семејства од ромската заедница кои се жртви на семејно насилство и за кои се организира настанот.
Пристап
ХЕРА располага со искуство во менаџирање на програми и проекти, организирање настани, обуки, конференции и слично со цел застапување за човековите права на лицата од ранливи групи. Дефинираните цели на оваа иницијатива се темелат на актуелните потреби и проблеми со кои се соочуваат децата Ром(к)и и лицата во ризик. Организацијата има внатрешни Политики и Протоколи за заштита на деца, млади и лица под ризик.
Ќе користиме метода на профилирање на целните групи: на настанот ќе бидат поканети високи претставници од владините институции, јавни личности, претставници од бизнис-секторот, како и поединци – филантропи со развиена култура на донирање за повисоки општествени цели.
Потенцијалот за имплементација на активностите ХЕРА го темели на досегашното искуство во спроведување активности за прибирање средства преку crowdfunding онлајн платформа за донации, поставени кутии за донирање во двата младински центри кои нудат различни услуги за сексуално и репродуктивно здравје и права, како и преку организирање настан за прибирање средства од бизнис-заедницата за обезбедување финансиска одржливост на младинските центри.
Инструменти: 1. Алатки за мобилизација на средства: состаноци, директни преговори, е-коресподенција, покани за настани и средби.
- Маркетинг-алатки: Соопштенија за јавност, промоција на настанот преку социјални медиуми, развој на ПР стратегија, осмислување на кампања за собирање средства со слогани и мотивирачки пораки.
Технички карактеристики:
- Операторот во понудата треба да обезбеди:
- Сценарио за настан
- Три креативни решенија со осмислени пораки и слогани за кампањата за собирање средства
- Листа на модератори кои би го воделе настанот
- Портфолио од организирани настани и кампањи
Ќе се смета за предност доколку операторот понуди и визуелен идентитет на кампањата.
- Од операторот се очекува да ги донесе следниве продукти (deliverables):
Дел 1 – Креативно решение за кампањата за собирање средства
Кампања за социјални медиуми
- копирајт на мотивирачки и промотивни пораки
- осмислување покани за донатори
- осмислување соопштение за јавност
- обезбедување визуелен идентитет на кампањата преку графички дизајн на продукти (рекламни банери за социјални медиуми, дизајн на покани, дизајн на благодарници за донатори и сл.)
- обезбедување листа на потенцијални донатори со детали за контакт
- мобилизирање донатори за посета на настанот
- креирање настани и соодветни содржини на социјалните медиуми за јавна промоција на настанот.
- обезбедување интервју или гостување во најмалку една ТВ емисија на локални и национални медиуми.
- обезбедување најмалку еден напис во пишан медиум (весник, списание, магазин)
Дел 2 – Аукција на уметнички дела
Организирање на настан – Аукција за уметнички дела, на претходно одредена локација,
- Сценарио по кое ќе се одвива настанот
- Уредување на простор – технички и визуелно (поставување на уметничките дела на соодветни места согласно просторот, и декорација)
- Озвучување на простор
- Осветлување на простор
- Техничка поддршка за време на настанот
- Да осигура дека настанот ќе се одвива по протокол соодветен за гостите (високи претставници од општеството)
- Да осигураат професионални фотографии (фото-запис од настанот)
- Да обезбеди дизајн на благодарници за донаторите
ДЕЛ 3 – Водење на настан
- Да обезбеди лице за модерирање на настанот т.е. лице со познавање и искуство во водење аукции и јавни настани, во договор со добавувачот.
- Од добавувачот се очекува да обезбеди:
- Просторија за одржување на настанот
- Уметнички дела
- Кетеринг-услуги за време на настанот
- Помош и поддршка во процесот на осмислување на кампањата
- Состаноци и комуникација со потенцијални и сегашни донатори
- Испраќање покани до донатори
- Печатење на материјали
- Споделување на сите промотивни продукти на официјалните мрежи на ХЕРА
- Поддршка за време на организирање на настанот
- Поддршка за време на одржување на самиот настан
Временска рамка:
Економскиот оператор треба да се води од следнава временска рамка:
Буџет
Максималната цена за овој договор е 92.650 МКД со вклучен ДДВ.
Економскиот оператор треба да достави листа со поединечни цени без ДДВ за секој ДЕЛ одделно во соодветниот дел од предметот на набавка (за деловите 1-3). Буџетот треба да се прикаже со ДДВ.
ВАЖНО: Се очекува, при изготвување на понудата, економскиот оператор да ја земе предвид целта на настанот и да понуди цени за услугите во знак на солидарност и поддршка за децата и семејствата жртви на семејно насилство.