На конференцијата за сеопфатно сексуално образование (ССО) „Чук чук, се извинувам што ви пречам на часот, ССО имате?“, што ХЕРА ја организираше на 20 декември во хотелот „Арка“ во Скопје, беа презентирани предлог-модел и програма за воведување на сексуалното образование во основните и средните училишта. Овој модел, којшто во текот на 2018 година беше изработен од Бирото за развој на образованието, ХЕРА и група експерти, предлага воведување на посебна програма за сексуално образование која би се изучувала како изборен предмет во основното образование.
Предметот не би се оценувал бројчено и би го предавале наставници и стручни служби кои доброволно би се пријавиле за обука и за негово спроведување. Предметот по сексуално образование би имал вкупен фонд од 36 часа годишно, а наставната програма би ги вклучувале следниве теми: Род, Врски и односи, Тело и слика за телото, Сексуално и репродуктивно здравје (ХИВ, сексуално преносливи инфекции, контрацепција), Сексуалност и сексуално однесување, Насилство и Граѓански аспекти.
Бирото за развој на образованието, заедно со ХЕРА и работната група, истовремено предложи да се направи пилот-програма која би се спровела во неколку основни училишта пред воопшто да се подготват стратегија и план за целосно интегрирање на сеопфатното сексуално образование во училиштата. Инаку, работната група стои цврсто на ставот дека иако за почеток фокусот е на пилотирање во основните училишта, со сеопфатно сексуално образование треба да се почне од предучилишната возраст.
Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов кој присуствуваше на конференцијата, ја поддржа иницијативата за воведување на сексуалното образование, додавајќи: „Нашата младина треба да гради критички став, мора да најдеме начин и овие теми да влезат во формалното образование“.
Според извештајот „Сексуалното образование во Европа и Централна Азија“, спроведен во 25 земји во текот на 2016 година од страна на Сојузниот центар за здравствена едукација во Германија (БЗгА) и Европската мрежа на Меѓународната федерација за планирано родителство (МФПР ЕН), во 11 од 21 земја каде што постојат училишни програми за сексуално образование, тоа е задолжителен наставен предмет. Во 6 земји предметот е делумно задолжителен, што значи дека предметот не е задолжителен во сите делови во земјата или во сите училишта. Во 4 земји предметот е изборен, што значи дека учениците може да го изберат, или, пак, постојат некои алтернативни опции. Во повеќето земји, со сексуалното образование се започнува во основното училиште и се продолжува во средното училиште.
Во земјите со целосно развиени програми за сеопфатно сексуално образование, младите луѓе претежно го наведуваат училиштето како важен извор на информации за сексуалноста, а стапките на малолетнички раѓања се главно многу ниски. Во земјите, пак, каде што сексуалното образование речиси и не постои во училиштата, стапките на малолетнички раѓања општо земено се многу високи.
Во Македонија, пак, иако воведувањето на сексуалното образование се предлага во три национални стратегии, сексуалното образование сѐ уште не е дел од редовната наставна програма. Некои теми и аспекти се изучуваат по предметите Билогија, Социологија, Граѓанско образование или Образование за животни вештини, но информациите што им се даваат на учениците се во голема мера застарени и неточни. Дополнително, ваквиот пристап на интегрирани содржини на сексуалното образование во повеќе предмети, оценува Работната група, не нуди сеопфатност и континуитет, а не е ниту економичен ниту практичен.
Предлог-моделот изработен од Бирото за развој на образованието, ХЕРА и работната група е испратен до Министерството за образование и наука кое треба да го разгледа и одобри по што би започнала фазата на изработка на наставни материјали и пилотирање на програмата во неколку основни училишта.