Овој документ за јавна политика ги разгледува предизвиците и потенцијалите поврзани со вклучувањето на граѓанските организации во системот на здравствена заштита во Република Северна Македонија. Низ анализа на постојните практики, правната рамка и тековните програми, документот ја застапува потребата за законско регулирање на давањето на одредени здравствени услуги од страна на здруженија, особено кога станува збор за работа со ранливи и маргинализирани групи население.
Иако граѓанските организации со години играат значајна улога во спроведување на превентивни и советодавни здравствени услуги, како што се ХИВ превенција, сексуално и репродуктивно здравје, и поддршка за лица што инјектираат дроги, сепак нивната дејност досега не е целосно признаена и регулирана во Законот за здравствена заштита. Документот ја анализира праксата на социјално договарање, преку која Министерството за здравство склучува договори со здруженија за спроведување на специфични здравствени услуги, и ја истакнува важноста оваа пракса да се зајакне преку соодветна правна рамка.
Публикацијата е резултат на заедничка работа на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни и Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари. Таа е изработена во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“ со поддршка од програмата Цивика мобилитас финансирана од Владата на Швајцарија.
Документот е наменет за носителите на одлуки, институциите во здравствениот сектор, како и за граѓанските организации и активистите кои работат во областа на јавното здравје, со цел да поттикне конструктивна дискусија и да придонесе кон креирање инклузивен и одржлив здравствен систем кој ги препознава и поддржува сите актери што придонесуваат кон подобро здравје на населението.
Публикацијата е достапна на македонски јазик.

