Контекст
Во декември 2022 година завршува петгодишната стратегија на ХЕРА за периодот 2018 – 2022 година. Во овој временски период, како резултат на политичката клима и активното учество на граѓанското општество, беа направени крупни позитивни промени во законите и политиките за сексуално и репродуктивно здравје и права, засновани на демократски вредности и човековите права. Имено, постојниот закон за абортус во Македонија е еден од најдемократските во Европскиот регион, сексуалната ориентација и родовиот идентитет се препознаени во законските основи за недискриминација, услугите за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) и за ХИВ за маргинализираните групи се финансирани од страна на државата и постои национална поддршка за интегрирање на сеопфатното сексуално образование во согласност со реформите во основното образование.
Сепак, глобалната пандемија на ковид-19 преставуваше сериозен предизвик за организацијата во испорачување на здравствените и социјалните услуги за младите и за ранливите групи преку сопствените сервиси. Појавата и растот на опозицијата кон концептот за родот и кон сексуалното образование ги зголемија омразата, насилството и нападите кон организацијата и нејзините членови, но и кон одредени маргинализирани групи за чии права застапуваме. Родовите нееднаквости во голем број сфери на нашето живеење сѐ уште се сериозен општествен предизвик за кој треба поголема политичка и финансиска заложба.
Во рамки на организацијата направивме одредени организациски реформи и вклучивме иновативни пристапи за да одговориме на новите предизвици и да овозможиме пофункционално работење. Поставивме нова систематизација на работните позиции и бенефиции за вработените, ја интензивиравме нашата активност на социјалните медиуми за да одговориме на антиродовите наративи и на противниците на сексуалното образование и вклучивме нови модели на пилотирање на здравствените и социјалните услуги во време на криза (медикаментозен абортус, самотестирање за ХИВ, грижа на стари лица во домашни услови). Младите волонтери на ХЕРА се покажаа како важен двигател во едукацијата и промоцијата на СРЗ и сексуалното образование.
Како што моменталната стратегиска рамка привршува, поставувањето на нови цели и акции е повеќе од императив. Како водечка граѓанска организација во државата која им обезбедува и овозможува поголема достапност на граѓаните до услуги за сексуалното и репродуктивното здравје, но и сила која придонесува кон прогресивни национални политики за човековите права и родовата еднаквост, имаме обврска да продолжиме да ја промовираме и застапуваме идејата за сексуални и репродуктивни права за сите.
Новата стратегија на ХЕРА, која треба да биде усвоена од Собранието на членови на ХЕРА во 2023 година, треба да ја реафирмира нашата долгогодишна заложба за сексуалното и репродуктивното здравје и права и да биде патоказ кон позитивно поместување на општествените вредности поврзани со човековата сексуалност.
Информации за доставување на понуди за изработка на стратегиската рамка
Процесот на подготвување на стратегиската рамка ќе биде спроведуван во три фази, објаснети подолу. Процесот ќе овозможи инклузивност за сите членови, волонтери и соработници на организацијата, ќе понуди креативен пристап и ќе осигури безбедност за сите оние кои ќе бидат вклучени и ќе дадат свој придонес. Голем дел од активностите за вклучување и придонесување кон стратегиската рамка ќе се случуваат онлајн.
ФАЗА 1 – КОНСУЛТАЦИИ
Цел: Фазата на консултации се спроведува за да се добие инпут од членовите, волонтерите, вработените и соработниците на ХЕРА за тоа дали поставените параметри одговараат на моменталната стратегиска рамка и каде се потребни промени, вклучувајќи ги визијата, мисијата, вредностите, целите, целните групи и оперативните пристапи за подобро да се одговори на идните општествени текови и предизвици, но и на потребите на граѓаните и ранливите заедници во однос на СРЗ, родовата еднаквост и социјалната правичност.
Временска рамка 15 април – 30 мај 2022 г.
Активност
Ќе се изработи онлајн прашалник кој ќе биде испратен за пополнување до членовите, волонтерите, вработените и соработниците на ХЕРА за да се тестира оправданоста на моментално поставените параметри на стратегијата 2018 – 2022 и да се дадат предлози за промени кои треба да се направат за следната стратегиска рамка.
Продукт
Квалитативен извештај од консултативниот процес
ФАЗА 2 – СЛУШАЊЕ и ВИЗИОНИРАЊЕ
ЦЕЛ: Фазата на слушање и визионирање има за цел членовите, волонтерите и вработените на организацијата:
1) да се чујат подобро меѓу себе,
2) да се разбере поблиску контекстот во кој живееме, со реалните проблеми и потреби и
3) да се чујат и разменат идеи за нови и иновативни пристапи како да се унапредат состојбите на полињата на кои работиме и за луѓето за кои застапуваме и како тие да се интегрираат во новата стратегиска рамка на организацијата.
Временска рамка Јуни – јули 2022 г.
Активност
Ќе се организираат 6 – 8 онлајн дебати на теми кои ќе се утврдат меѓу раководството на ХЕРА и консултантот/тите. Темите за онлајн настаните ќе произлезат од најприоритетните прашања и потреби кои ќе бидат детектирани во извештајот од консултативниот процес. Дебатите ќе бидат модерирани од страна на консултантите. На секоја дебата се предвидува да има по 3 – 4 говорници, од вработени и волонтери на организацијата до надворешни соработници, експерти и најважно, претставници на меѓународни партнери. Говорниците треба да ја доловат сегашноста, да укажат на предизвиците и можностите, но и да визионираат што може организацијата да работи или да направи повеќе во следните неколку години за поуспешно да ги земе предвид проблемите и потребите на луѓето, но и да понуди креативни и визионерски пристапи на работа за унапредување на СРЗ и родовата еднаквост. Дебатата треба да има простор за прашања од членството до говорниците, но и да се отвори дискусија со сите присутни за да се чујат нивните гласови и предлози.
Продукт
Организирани 6 – 8 онлајн дебати
Извештај од дебатите
ФАЗА 3 – Пишување
Цел: Придонесот добиен во консултативниот процес со членовите, волонтерите и соработниците на ХЕРА и наодите добиени во фазата на слушање и визионирање треба да послужат за подготовка на новата стратегиска рамка и на очекуваните резултати на организацијата за следните неколку години.
Временска рамка Септември – ноември 2022 г.
Активност
Ќе се формира тим од 10-на луѓе од вработените и волонтерите на организацијата кои имаат пишувачки особини и искуство за да ја подготват нацрт-верзијата на новата стратегија на организацијата. Ќе биде организирана тридневна средба за пишување на стратегијата, а целиот процес ќе биде фасилитиран од страна на консултантите кои дополнително ќе помогнат во стимулирање и рафинирање на идеите според утврдените параметри на стратегијата. За време на средбата е потребно да се постават основниот костур и наративи на стратегијата кои понатаму ќе бидат разработени во нацрт-рамка и во финална стратегиска рамка од страна на консултантите во соработка со сениор персоналот на организацијата.
Продукт
Организирана тридневна средба за пишување на стратегијата
Нацрт-рамка на стратегијата
Финална стратегија
Временска рамка и број на консултанти денови
Финансиска рамка:
За овој ангажман се предвидени 144.000,00 денари во бруто износ (6.000 МКД по консултантски ден).
Потребни документи за испраќање на понуди:
- Кратка биографија;
- Листа на стратегиски или други консултански документи со слична содржина од работа на претходни ангажмани;
- Подетална методологија за работа во согласност со фазите на подготовка на стратегијата (најмногу две страници).
Краен рок за испраќање на понудите е 21 март 2022 година. Документацијата може да се испрати електронски на konkurs@hera.org.mk или по пошта на адреса: ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26, 1000 Скопје.