На првата Конференција за одржливост „Инвестицијата во младите – придобивка за сите“, која се одржа денес во организација на ХЕРА, присуствуваа повеќе од 20 домашни и меѓународни компании. Целта на конференцијата беше да се информира бизнис секторот за работата и можностите за поддршка на за двата младински пријателски центри „Сакам да знам“ (општина Центар и општина Шуто Оризари) кои за време на својата десетгодишната работа обезбедиле услуги за повеќе од 25.000 клиенти. Овие центри овозможуваат младите на едно место да ги добијат сите услуги за сексуално и репродуктивно здравје – од гинеколошки преглед, ЕХО дијагностика, ПАП тест, ХИВ тестирање, па сè до бесплатна контрацепција и советувања. Во согласност со стандардите на Светската здравствена организација, центрите ја гарантираат приватноста и анонимноста на младите, овозможувајќи им безбедно и релаксирано место, каде услугите се бесплатни и доверливи.
Конференцијата ја модерираше Снежана Лупевска Созен како новинарка која ја следи општествената одговорност на компаниите, но добро ги познава активностите и услугите на граѓанскиот сектор. Иако сите компании кои зедоа учество се веќе корпоративно одговорни, овој пат тие ја препознаа одговорноста посветена на здравјето на младите. Имено, за време на конференцијата тие имаа можност да ги чујат искуствата на Комерцијална банка како поддржувач на проектот „Семеен центар за жртви на насилство“ кој минатата година беше награден во категоријата „Вложување во заедницата“ со признание во конкуренција од 21 проект на големи претпријатија. Исто така, претставниците на компаниите слушнаа од директните корисници зошто услугите на овие центри се единствени и зошто тие претставуваат единственото место каде голем број на социјално загрозени млади можат да ја остварат здравствената заштита.
Претседателката на ХЕРА, Ива Михајловска истакна дека во изминативе години ХЕРА успеа да обезбеди средства за работата на „Сакам да знам“ од Министерството за здравство и Град Скопје, но и повеќе меѓународни организации како Глобалниот Фонд за ХИВ/СИДА, УНИЦЕФ, УНФПА, Партнерства во здравството и Меѓународната федерација за планирано родителство. Сепак, на почетокот на 2017 година завршува меѓународната финансиска поддршка. Една од причините за намалувањето на меѓународната поддршка е поврзана со фактот дека Македонија е рангирана како земја со средно – висок приход. Затоа, ХЕРА започнува со инцијативата во која ќе очекува од домашниот приватен сектор да стане значаен фактор во поддршката за обезбедувањето социјални сервиси за граѓани, особено за оние кои се сиромашни или општествено маргинализирани.
Првата донација за Младинските центри за време на конференцијата дојде од Комерцијална банка АД Скопје. Банката ќе додели средства за проектот „Да го затвориме кругот“ кој има за цел да го намали бројот на малолетнички бракови.
Ја користиме оваа прилика да ги повикаме сите компании да ја препознаат важноста од инвестирање во здравјето на младите и да ни помогнат да продолжиме со работата на младинските центри „Сакам да знам“ и во 2017 година.
Сите оние компании заинтересирани да ги поддржат центрите „Сакам да знам“ можат да се обратат директно во ХЕРА, на hera@hera.org.mk.