На Меѓународниот ден на човековите права, ние, младите во ХЕРА, сакаме да ја потсетиме јавноста дека Македонија сè уште има закон за прекинување на бременоста и владина кампања против абортус со кои се стигматизираат сите жени кои направиле абортус и се одбележуваат како чедоморки.
Ја потсетуваме јавноста за препораките на Комитетот за човекови права за кои, досега, Владата и Министерството за здравство немаа никаква јавна реакција, ниту пак презедоа мерки за нивна имплементација.
Во завршните согледувања на Третиот извештај на Рeпублика Македонија кон Меѓународниот пакт за граѓански и политички права усвоени во јули 2015, Комитетот забележа дека со овој закон се загрозени еднаквоста на мажите и жените, а поставени се под прашање заштитата од нехуман третман, заштитата на приватноста и правото на живот:
Комитетот е загрижен околу информациите дека државата-членка спроведува кампањи против абортус во текот на неколку години, што има ефект на жигосување на оние кои го користат абортусот и може да ги натера жените да бараат небезбедни тајни абортуси, со кои нивниот живот и здравје се ставаат во ризик. Во овој контекст, Комитетот, исто така, е загрижен за тоа дека со условите воведени со Законот за прекинување на бременоста од 2013 година може кумулативно да се ограничи пристапот до легален абортус (членови 3, 6, 7, 17).
Државата треба да избегнува спроведување на какви било кампањи со кои се стигматизираат оние кои го користат правото на абортус. Таа треба да преземе конкретни мерки, вклучувајќи измена на Законот за прекинување на бременоста, со цел да ги елиминира сите процесни пречки што би довеле до тоа жените да прибегнуваат кон нелегални абортуси со кои животот и здравјето им се ставаат во ризик.
Бројот на абортуси не се намалува со закони и кампањи со кои абортусот се забранува! Рестриктивните мерки и отежнувањето на процедурата само ги поттикнуваат девојките и жените да бараат алтернативни, помалку сигурни и безбедни начини за прекинување на несаканата бременост. Потребни ни се вистински мерки кои ќе дадат резултати и ќе дејствуваат на полето на достапна контрацепција, сеопфатно сексуално образование и дестигматизација на жените.
Зајакни го гласот против владините мерки со кои се ограничуваат женските права, а жените се стигматизираат и обележуваат како убијци. Женското право за пристап до легален и безбеден абортус е човеково право!
За тебе се работи!