Како и првата, така и втората верзија на Времените препораки служи да ги информира и да им ја олесни работата на здравствените работници кои имаат или може да дојдат во контакт со пациенти кои се суспектни или инфицирани со ковид-19. Времените препораки се базирани врз најновите медицински сознанија за состојбите поврзани со пандемијата од ковид-19, предизвикана од вирусот САРС-КоВ-2 (SARS-CoV-2).
Препораките се однесуваат на матичните гинеколози, гинеколозите кои се одговорни за грижата во родилиштата, педијатрите, акушерките и медицинските сестри задолжени за антенаталниот и перипарталниот период, но и за другиот здравствен персонал вклучен во следењето и лекувањето на бремените пациентки.
Втората верзија на Времените препораки содржи и информации кои треба да им послужат на здравствените работници за да правилно ги информираат своите пациентки во текот на бременоста и постпарталниот период. Информациите се однесуваат на општите препораки за превенција од ширење на инфекцијата со корона-вирусот и за оптимизација на прегледите на бремените жени, а вклучени се и неколку алгоритми и табели за да се олесни прегледноста на постапките кои треба да се преземаат кај пациентките суспектни или со потврдена инфекција со ковид-19 во текот на антенаталните контроли, тријажата на пациентки со симптоми на ковид-19, хоспитализација на ризични пациентки и начин на спроведување на породувањето и постпородилниот период.
Втората верзија од времените препораки е достапна на македонски и албански јазик.