Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието итно да ги започне постапките за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и за избор на нов Народен Правобранител.
Законот за спречување и заштита од дискриминација стапи на сила со објавувањето во Службениот весник на Република Северна Македонија бр. 258/2020 на 30.10.2020 година. Согласно член 45, став 1 од овој Закон, Собранието на Република Северна Македонија ќе го објави јавниот оглас за избор на членови на Комисијата во рок од 15 дена од влегувањето во сила на овој Закон. Согласно датумот на стапување во сила на Законот, вака предвидениот законски рок истече на 14.11.2020 година, а Собранието на Република Северна Македонија и натаму нема објавено јавен оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Вториот мандат на актуелниот Народен правобранител Иџет Мемети истекува на 24.12.2020 година. Согласно член 5, став 4 од Законот за Народен правобранител, Собранието има законска обврска да ја започне постапката за избор на Народниот правобранител и неговите заменици три месеци пред истекот на нивниот мандат. Согласно датумот на истек на мандатот на актуелниот Народен правобранител, Собранието требало да ја започне постапката за избор на нов Народен правобранител и негови заменици најдоцна до 24.9.2020, а Собранието сѐ уште нема објавено јавен оглас за избор на нов Народен правобранител.
Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието во најкус можен рок да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати. Обврската составот на ова тело да го одразува составот на општеството во целина не смее да остане само декларативна, туку реална цел на Собранието бидејќи во спротивно ќе се компромитира целта на ова тело како гарант за еднаквоста на сите граѓани. Потребно е да се изберат професионални и независни кандидат(к)и кои на ниту еден начин не се поврзани со политичките партии. Притоа, етничката припадност не смее да биде единствен критериум, особено нејзиното тесно разбирање како распределба на позициите помеѓу Македонците и Албанците. Неопходно е да се води сметка за родовата еднаквост и да се вклучат претставници на маргинализираните заедници (Роми, лица со попреченост, ЛГБТИ и други).
Дополнително, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието во најкус можен рок да ја спроведе постапката за избор на нов Народен правобранител. Собранието при изборот треба да води сметка идниот Народен правобранител да биде лице кое ќе ги надмине долгогодишните идентификувани проблеми на институцијата, а кои се однесуваат на недостигот на рамномерна распределба на финансиски и човечки ресурси, степен на стручност и компетентност на значаен дел од кадарот на институцијата, јавно објавените меѓучовечки конфликти и мобинг во институцијата и пополнување на празните работни места согласно Правилникот за систематизација во стручната служба, во тимот на Националниот превентивен механизам, во посебните одделенија и во канцелариите на Народниот правобранител.
За крај, новиот Народен правобранител мора да биде лице кое ќе ја врати довербата на граѓаните во институцијата и ќе направи институцијата Народен правобранител да ги исполни меѓународно пропишаните критериуми за национални институции за човекови права, како што се Париските принципи за национална институција за човекови права на ООН и Принципите за заштита и промоција на Омбудсманот на Венецијанската комисија.
Лице за контакт:
Игор Јадровски (02 3119 073)