Иако е неделив дел од секој поединец, сексуалноста е табу тема – уште повеќе кога станува збор за луѓето со попреченост. Нивниот личен, социјален и сексуален развој е условен не само од предрасудите, туку и од инфраструктурни бариери и од недостигот на комуникациски вештини и информации. Токму затоа преку младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно, ХЕРА обезбедува пристапни гинеколошки и дерматолошки услуги, тестирање и советување за ХИВ и едукации за сексуално и репродуктивно здравје и за лицата со попреченост.
Во 2010 година заедно со десетина граѓански организации и институции ја подготивме првата Политика за сексуално и репродуктивно здравје на лицата со попреченост со која се обврзавме дека сите заедно и посветено ќе работиме за човековите права, инклузијата и унапредувањето на пристапот до информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Низ годините спроведуваме истражувања, бевме дел од меѓународни кампањи и организира(в)ме работилници и едукации за здравствени работници, социјални работници и родители/старатели, како и за самите лица со попреченост. Во 2014 година ја основавме Платформата за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје на лицата со попреченост, а преку младинските центри „Сакам да знам” со години обезбедуваме бесплатни советувања, прегледи, тестирања од гинеколози и дерматовенеролози, ослободени од сите бариери.
Во 2020 година, за лицата со попреченост и давателите на услуги изработивме брошура со основни информации за препознавање и поддршка во случај на семејно насилство во услови на ковид-19, во лесно разбирлив формат и на Брајово писмо. Ова се први брошури од ваков вид кај нас.
Повеќе:
- Прирачник за обука на персонални асистенти и други даватели на услуги на лица со попреченост
- Прирачник за постапување на здравствените работници во случај на родовобазирано насилство, вклучувајќи ги и лицата со попреченост
- „Мој живот, мој избор“ – видео за предизвиците и потребите на лицата со попреченост
- Извештај од истражувањето за состојбите на сексуалното и репродуктивното здравје кај лицата со попреченост
- Прирачник за стручни лица и родители/старатели за сексуалноста и за сексуалното и репродуктивното здравје на лицата со интелектуална попреченост
- Имам права! – Кампања за подигнување на свеста за правата на лицата со попреченост