Докажано е дека доколку имаат пристап до антиретровирусна терапија (АРТ), луѓето со ХИВ можат да живеат долго и квалитетно и дека доколку се користи предекспозициска профилакса (ПрЕП или пилули како превенција од ХИВ кои се земаат пред сексот), шансите за пренос на овој вирус се непостоечки исто како и кај бремена жена со ХИВ која прима АРТ. Докажано е и дека доколку владите обезбедат доволно средства за превенција  и третман, како и недискриминаторски закони и практики, ХИВ може да се стави под целосна контрола и најпосле да се искорени.

И покрај овие факти, во Македонија виреат митовите за ХИВ, младите немаат каде да се информираат, одржливоста на услугите за ХИВ сѐ уште не е сигурна, а дискриминацијата и стигмата со кои се соочуваат луѓето кои живеат со ХИВ се и натаму присутни и им стојат на патот кон остварувањето на здравствените и социјалните права.

Оттука, јасно е зошто ХИВ и денес – и веќе две децении – е една од нашите клучни определби. Покрај директното нудење услуги за ХИВ преку младинските центри „Сакам да знам“ на ХЕРА во Скопје и двете мобилни амбуланти за тестирање за ХИВ низ државата, во фокусот на нашето застапување е одржливоста на програмите за превенција и заштита од ХИВ. Тому затоа, во 2014 година го инициравме формирањето на граѓанската Платформа за ХИВ за обезбедување одржливост на услугите за ХИВ за клучните популации, преку којашто и успеавме да обезбедиме целосно национално финансирање на услугите за ХИВ што ги нудат граѓанските организации почнувајќи од 2018 година. Како резултат на учеството на Платформата за ХИВ во Советот на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, денес Акцискиот план за Стратегијата за соработка на владата со граѓанскиот сектор предвидува законски и подзаконски измени за одржливост на програмите за ХИВ.

ХЕРА е домаќин на Секретаријатот на Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ и членка на Европскиот парламентарен форум за население и развој. Домаќин сме и на Регионалниот координативен механизам за ХИВ и туберкулоза на Југоисточна Европа, а членуваме и во Националната комисија за ХИВ и СИДА и во Европскиот правен форум за ХИВ.

Во предизборниот период во 2020 година, во рамките на Платформата за ХИВ, ја предложивме Декларацијата Законот за здравствена заштита да ги препознае граѓанските организации како даватели на услуги од здравствената заштита од посебно значење за јавното здравје, која ја потпишаа 16 политички партии, со што се обврзаа дека по изборите ќе засукаат ракави за да обезбедат континуитет на програмите за превенција на ХИВ за да ѝ се стави крај на епидемијата на ХИВ и до 2030 година да се постигнат нула нови инфекции во Република Северна Македонија.

Предизвиците пред нас се бројни, па остануваме на овој пат сè додека на ХИВ-статусот не се гледа како на здравствен статус кој нема да ги лишува луѓето од нивните сексуални и здравствени права.

Повеќе: