Во рамките на проектот Здравјето на Ромите – основно човеково право, заложбите на здружението РОМА С.О.С. од Прилеп во соработка со здруженија [1] од 10 општини низ Македонија, резултираа со воведени измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (ЗПЗСО) во декември 2014 и дополнувања на Законот за здравствено осигрување (ЗЗО) во јуни 2015.
Законските измени и дополнувања придонесоа за поедноставување на постапката при остварување на правото на здравствено осигурување за невработените и лицата со пониски приходи (категорија по основ на осигурување во ФЗОМ), а со тоа се обезбеди континуитет во уживање на правото и непречено лекување за најранливите осигуреници.
- Измени на ЗПЗСО во декември 2014
Во периодот 2011-2014 година сите невработени лица и лица со пониски примања за да може да го продолжат правото имаа обврска во период февруари-март да прават пре-регистрација во ФЗОМ преку поднесување на Изјава за остварени приходи (образец) со која потврдуваа дека немаат приходи повисоки од 96.600 денари во претходната година – услов за користење на правото на товар на Буџетот на РМ. [2]
Со воведените измени се укина постапката за пре-регистрација односно обврската на осигурениците да поднесуваат Изјава за остварени приходи, а ФЗОМ во соработка со УЈП од 2015 година по службена должност го проверува износот на приходите за секој осигуреник и им доставува Решенија за продолжување на правото на домашна адреса со што по автоматизам им продолжува правото.
Но, на лицата кои во 2014 година имаат приходи повисоки од 105.600 денари [3], по проверката во УЈП, од 01 септември 2015 ФЗОМ ќе им доставува Решенија за прекин на правото. Овие лица ќе треба да го променат основот на осигурување согласно висината на утврдените приходи и тоа преку поднесување на нова документација.
Бидејќи доставата на Решенијата се одвива бавно, а кај некои осигуреници адресите се различни во лична карта и фактичко место на живеење,апелираме секој осигуреник под оваа категорија да го провери статусот на здравствено осигурување на веб страната на ФЗОМ “моеосигурување” и на тој начин навремено да интервенира и да превенира прекин односно плаќање приватни цени за користење на здравствени услуги.
- Дополнување на ЗЗО во јуни 2015
Осигурениците кои поднесоа Изјава за остварени приходи во постапката за пре-регистрација во период 2011-2014 година станаа потенцијали криминалци во државата, бидејќи ФЗОМ во случаите каде имаше утврдено дека имале повисок приход од прикажаниот, им поднесе Кривични пријави за лажно дадена Изјава, а Основните судови кај дел од нив донесоа Пресуди со кои ги прогласија за виновни. [4]
Со дополнувањата сите постапки по пријавите на ФЗОМ како и кривичните постапки пред основните судови се запреа. Притоа осудените лица имаат право да бараат бришење на казната од казнена евиденција доколку веќе имаат добиено Пресуда од Основен суд. Доста важно е да се знае дека се запрени и постапките по барањата за надомест на штета за користените здравствени услуги.
Бидејќи овие постапки се водеа без знаење, апелираме до осигурениците да се упатат до ФЗОМ и да проверат лично дали против нив е поднесена пријава или има донесено Пресуда, а по потврда на информацијата да побараат бришење на казната односно да се обратат до здруженијата за дополнителни информации и помош.
Исто така апелираме до Министерството за правда во најскоро време да донесе Упатство за постапката по која треба да се превземат дејствијата за бришење на казната од казнена евиденција, а за што предвидените законски рокови веќе неколку месеци се пречекорени.
Со цел да се информираат граѓаните за настанатите промени како и за достапната асистенција од страна на здруженијата, се организираа трибини во ромските заедници на тема „Проверката на здравственото осигурување може да ви обезбеди непречено лекување“ во месец ноември.
Проектот е финансиски поддржан од Фондација Отворено Општество Македонија, а со техничка поддршка од Национален Демократски Институт – Македонија.