ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Меѓународната федерација за планирано родителство, објавува повик за прибирање понуди од правни лица за спроведување активност заради подигнување на свеста кај родителите и младите за важноста од навремена едукација за сексуалното и репродуктивното здравје и за сексуалните права. Оваа активност ќе се спроведе преку реализација на медиумска кампања, која опфаќа изработка на видеоспотови, нивно емитување и промоција во медиумскиот простор и квалитативна и квантитативна анализа на опфатот со кампањата.
Ве покануваме да ни ги доставите Вашите понуди по електронски пат на konkurs@hera.org.mk, најдоцна до 21 јануари (петок) до 17 часот.
1. За активноста
- Позадина
Исклучително ниската стапка на употреба на модерни контрацептивни средства во земјава, особено меѓу младите, одлично илустрира дека сексуалното и репродуктивното здравје кај нас е вистинско табу. Како последица, постои недостиг од точни и проверени информации, кои се системски достапни и соодветни за возраста што, пак, негативно се одразува на здравјето на младите и значително придонесува кон дискриминација, насилство, омраза и булинг во училишната средина.
Неформалните едукации по сеопфатно сексуално образование што ХЕРА ги спроведува во и надвор од училиштата уште од 2013 година, потврдуваат дека огромен дел од децата на возраст од 14 до 20 години – како од македонската, така и од албанската средина – имале некакво негативно искуство поврзано со нивното сексуално и репродуктивно здравје, почнувајќи од информираноста за првиот гинеколошки и дерматовенеролошки преглед, за согласноста и за токсичните врски, па до сексуално вознемирување, насилно однесување и отворање пред родителите за сексуалната ориентација.
Пилотирањето на сеопфатното сексуално образование – чие воведување во формалниот образовен систем е не само предвидено со низа национални и меѓународни документи и препорачано и од комитетите на ООН, туку и обврска за државата која произлегува од потпишувањето и ратификувањето на важни меѓународни конвенции и декларации – предизвика лавина од лаги, неточни информации и говор на омраза во медиумскиот простор кои го претставуваат сеопфатното сексуално образование како закана за традиционалните семејни вредности и за улогата на родителите во воспитувањето на децата, сосема занемарувајќи ги последиците од немањето системска едукација за сексуално и репродуктивно здравје и воспитно-образовната улога на училиштето.
- Општа цел на активноста:
Да се подигне свеста кај јавноста, а особено кај родителите и младите за важноста од навремена едукација за сексуалното и репродуктивното здравје и за сексуалните права.
- Специфични цели:
– Зголемен е бројот на граѓани кои се информирани за важноста од имањето пристап до точни информации и до здравствени услуги за сексуалното и репродуктивното здравје;
– Зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека сексуалното и репродуктивното здравје се неделив дел од севкупната добросостојба на луѓето;
– Зголемен е бројот на граѓани кои можат да го препознаат штетното влијание на родовите стереотипи и улоги во домот и општеството врз добросостојбата на луѓето, особено на младите;
– Зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека е важна воспитно-образовната улога на училиштето и улогата на наставниците во развојот на децата и во постигнувањето на родовата рамноправност.
- Целна група на активноста:
Главна целна група се родителите и младите луѓе/ учениците, а потоа и наставниците и сите што се вклучени во воспитно-образовната дејност на децата – како во македонската, така и во албанската средина.
2. Предмет на договорите за набавка
Предметот на договорите за набавка е делив и е составен од два дела. За секој предмет ќе биде склучен посебен договор за набавка, без разлика дали истиот ќе биде склучен со еден или повеќе понудувачи. Притоа, еден понудувач може да се пријави за еден или и за двата предмета, за што треба да се пријави со една, односно две понуди соодветно.
Делови на предметот на договорите за набавка:
Дел I. Изработка на 2 (два) видеоспота
Двата видеоспота ќе бидат снимени според однапред развиени сценарија, во чија подготовка ќе бидат вклучени и претставници од целните групи (4 фокус-групи). Притоа, едниот видеоспот треба да биде наменет за македонската, а другиот за албанската публика. Времетраењето на секој видеоспот треба да биде помеѓу 1 и 1,5 минута. Притоа, ќе се смета за предност доколку понудувачот понуди и визуелен приказ на понудените сценарија во форма на story board.
Дел II. Емитување на видеоспотовите (закуп на медиумски простор) и изработка на квантитативна и квалитативна анализа
Понудувачот треба да понуди и спроведе медиа план со распоред на емитување на двата видеоспота на две национални телевизии, како и нивна промоција на социјалните мрежи, во период од 1 месец. Притоа, медиа планот треба да содржи понуда од четири национални телевизии заради оставање можност за избор, како и план за емитување во период од еден месец за термин од 17 до 22 часот. Исто така, медиа планот треба да содржи и промоција на социјалните мрежи.
По завршувањето на емитувањето, понудувачот треба да подготви квантитативна и квалитативна анализа на опфатот со двата видеоспота, како на традиционалните медиуми, така и на социјалните мрежи.
3. Критериуми за учество и утврдување способност на понудувачите
3.1. Право да достави понуда има секое заинтересирано домашно правно лице – понудувач кое е регистрирано за вршење на дејноста поврзана со еден или и со двата дела од предметот на договорите за набавка.
3.2. За да учествуваат во постапката за доделување на договорите, понудувачите мора да ги исполнуваат следниве критериуми за утврдување на нивната способност (тука).
4. Место на изведување на активноста
Ангажманот и сите обврски што произлегуваат од него ќе се спроведуваат надвор од канцелариите на ХЕРА.
5. Начин на плаќање
Плаќањето ќе се изврши по целосната реализација на обврските што произлегуваат од деловите на предметот на договорите за набавка.
6. Краен рок за спроведување на активноста и временска рамка
Оваа активност треба да биде целосно реализирана до 30 март 2022 година. Притоа, понудувачот/понудувачите треба да ја има/ат предвид следната предлог-временска рамка:
Временска рамка | |
Активност | Период |
Финализирање на сценаријата | До 10 февруари |
Продукција на видеоспотовите | 10 – 25 февруари |
Емитување на видеоспотовите | 25 февруари – 25 март |
Изработка на анализата | 25 – 30 март |
* Во зависност од предложениот буџет за телевизиско емитување, можни се измени кај периодот на емитување на видеоспотовите зададен со оваа временска рамка.
7. Изготвување и поднесување на понудите
7.1. Понудата се изготвува во согласност со условите предвидени во тендерската документација во електронска форма или печатена форма, со користење на обрасците дадени во продолжение.
7.2. Најдоцна до 21 јануари 2022 година, до 17 часот, сите заинтересирани понудувачи треба да обезбедат и достават:
За понудувачите за дел 1 (снимање видеоматеријал):
- По 2 (две) предлог-сценарија за македонската и за албанската публика (вкупно 4);
- Портфолио за подготовка и испорака на ваков тип услуги (со референци за претходно изработени видеа), во областа на образованието, родовата рамноправност и борбата против насилството и дискриминацијата;
- Документ за регистрирана дејност;
- Изјава за докажување на способноста на понудувачот;
- Финансиска понуда во овој формат.
За понудувачите за дел 2 (закуп на медиумски простор и анализа на опфатот):
- Портфолио со референци за подготовка и испорака на ваков тип услуги;
- Документ за регистрирана дејност;
- Изјава за докажување на способноста на понудувачот;
- Финансиска понуда во овој формат.
Предвид ќе бидат земени само оние понуди од правни лица кои ги исполнуваат условите и кои ќе испратат комплетна документација.
7.3. Понудата, како и целата кореспонденција и документи поврзани со понудата кои се разменуваат се пишуваат на македонски јазик со користење на неговото кирилско писмо. Цената на понудата се пишува со бројки и букви и се изразува во денари.
8. Начин на избор
8.1. Во согласност со одредбите на договорот на проектот поддржан од Меѓународната федерација за планирано родителство, ХЕРА објавува повик за прибирање на понуди.
8.2. Критериумите за избор и табелите на бодување се дадени подолу за понудувачите за првиот дел и за понудувачите за вториот дел од предметот на договорите на набавка соодветно.
За изведувач ќе биде избран оној понудувач чија понуда ќе освои најголем број на бодови како збир на бодовите за секој од наведените критериуми:
Табела на бодување за понудувачите за првиот дел од договорите за набавка (снимање видеоматеријал) | |
1) Цена | 60 бодови |
2) Креативно решение | 20 бодови |
3) Искуство | 20 бодови |
Табела на бодување за понудувачите за вториот дел од договорите за набавка (закуп на медиумски простор и анализа на опфатот) | |
1) Цена | 80 бодови |
2) Искуство во подготвка на анализа на опфат со кампањи | 20 бодови |
Сите понудувачи ќе бидат известени за резултатите од објавениот повик за прибирање понуди по електронски пат, најдоцна 10 дена по затворањето на конкурсот.
8.3. Документите со назнака/предмет на пораката Понуда за изработка и емитување на видеоспотови можете да ги доставите на следниов начин:
- По електронска пошта: konkurs@hera.org.mk или
- По пошта:ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26, Скопје, со назнака Понуда за изработка и емитување на видеоспотови.
Нецелосните пријави и пријавите пристигнати по крајниот рок нема да бидат разгледувани.