Препораките за поттикнување на давањето услуги за сексуално и репродуктивно здравје од страна на семејните лекари преку подобрување во начинот на плаќање произлегоа од наодите на Мапирањето на семејните лекари од примарната здравствена заштита во Македонија што го спроведовме во 2021 година.
Мапирањето, меѓу другото, ги потврди досегашните сознанија за пречките во обезбедувањето целосен пристап до вакви здравствени услуги: ограничени човечки ресурси (недоволен број специјалисти по семејна медицина и нивна нееднаква територијална распределба); административно оптоварување нагласено и со недостатоци во системите за евиденција на здравствените услуги; немање протоколи за рано откривање, дијагностика, третман и следење на болестите, приспособени за примарно ниво на грижа; недостатоци во начинот на плаќање на примарната здравствена заштита; законски ограничувања; недоволната информираност на населението итн.
Имајќи предвид дека сексуалните и репродуктивните права се дел од основните човекови права, а правото на здравје клучно за добросостојбата на сите граѓани, овие препораки даваат насоки како може да се подобри начинот на плаќање за да се охрабрат семејните лекари во давањето услуги за сексуалното и репродуктивното здравје.
Ова е особено важно ако се има предвид дека во моментов, семејните лекари претставуваат 21 % од вкупниот број матични (избрани) лекари, но и дека во последните 3-4 години постои тренд на намалување на лекарите кои се стекнуваат со ова звање.
Препораките за подобрување на начинот на плаќње можете да ги погледнете на овој линк.