Пред Вас е публикацијата Мапирање на семејните лекари од примарна здравствена заштита во Македонија, процес што ХЕРА го спроведе во 2021 година за да утврди кои и колкави се можностите да се искористат компетенциите на специјалистите по семејна медицина за подобрување на пристапот до услуги за сексуално и репродуктивно здравје.
Ова е особено важно ако се има предвид дека во моментов, семејните лекари претставуваат 21 % од вкупниот број матични (избрани) лекари, но и дека во последните 3-4 години постои тренд на намалување на лекарите кои се стекнуваат со ова звање.
Земајќи ги предвид наодите и препораките за системски решенија што произлегоа од анализата на здравствената заштита за сексуалното и репродуктивното здравје што ја спроведовме во 2018 година, во 2019 година министерот за здравство утврди Листа на здравствени услуги според која специјалистите по семејна медицина можат да даваат и одредени услуги за сексуалното и репродуктивното здравје.
Проценките од мапирањето, кое се однесува за целата територија на Македонија, укажуваат на сосема солидна спремност на семејните лекари за давање услуги кои во основа претставуваат одреден вид на советување (превенција на рак на дојка и простата, семејно планирање, родово базирано насилство, сексуално преносливи инфекции, сексуални проблеми, менопауза, ПМС и менструално здравје), како и услуги за бремени жени (скрининг и превенција за гестациски дијабетес мелитус и проверка на урина). Послаба е сигурноста во сопствените компетенции за ординирање терапија (контрацепција) и за неплодност, а најниска е спремноста за она што значи медицинска интервенција, односно услуги кои се поврзани со вагинален преглед (земање брис за ПАП-тест, советување поврзано со рак на грло на матка, земање друг вагинален брис).
Публикацијата е достапна на македонски јазик на овој линк.