„Младите бараат: Пристапна и достапна модерна контрацепција!“ е документ за јавни политики за унапредување на пристапност и достапноста на модерната контацепција во Република Северна Македонија, изработен во рамки на проектот “YSAFE јакнење на капацитетите за застапување“ спроведуван од ХЕРАмлади со поддршка од Меѓународната федерација за планирано родителство – Европска мрежа со седиште во Брисел, Белгија. Целта на оваа иницијатива е да се зајакне гласот и учеството на младите луѓе во застапувањето за унапредување на сексуалното и репродуктивно здравје и права.
ХЕРАмлади се активна група на млади луѓе кои посветено се залагаат за уривање на митовите поврзани со сексуалноста и репродуктивното здравје помеѓу младите, бараат воведување на сеопфатно сексуално образование, спроведуваат врсничка едукација и ја покренуваат јавната свест преку кампањи и радио емисијата „Секси Маало“.
За младите луѓе пристапот до контрацепција значи унапредување на нивното сексуално и репродуктивно здравје преку превенција од сексуално преносливи инфекции (СПИ), ХИВ и заштита од непланирана бременост. Контрацепцијата овозможува планирање на семејство, контрола над сопственото тело и здравје, самостојно и информирано донесување одлуки поврзани со сексуалноста. Освен бројните здравствени бенефити од употребата на контрацепција, кога таа е придружена со соодветни информации и едукација, придонесува и кон унапредувањето на родовата еднаквост и рамноправноста во партнерските и интимните односи. Достапната и пристапната контрацепција оди заедно со еманципацијата на младите, на жените и на маргинализираните групи бидејќи овозможува слобода и избор кога е во прашање сексуалноста и репродукцијата. Кога зборуваме гласно и отворено за контрацепцијата, ги рушиме и табуата поврзани со нашата сексуалност и ги афирмираме позитивните и граѓанските аспекти на сексуалноста. За младите луѓе кои живеат во современо општество и се залагаат за еднаквост и демократски промени, сексуалноста не е приватно или забрането прашање, бидејќи табуата раѓаат стигма, дискриминација и му штетат на нашето здравје.
За нас, достапноста и пристапноста на контрацепција не се прашања кои треба да оставиме да се уредуваат преку економската логика на понуда и побарувачка, која ја формира цената на контрацепцијата зависно од условите на пазарот. Бидејќи контрацепцијата е исклучително важна за сексуалното и репродуктивното здравје и права на населението, ние сметаме и бараме донесувачите на одлуки и надлежните институции да го унапредат пристапот и достапноста на контрацепцијата во партнерство со нас и во партнерство со приватниот сектор. За да се постигне целта, сметаме дека треба да се направат промени во системот за здравствена заштита, во формалното образoвание, во социјалната заштита, во пристапот до информации поврзани со контрацепција и во почитувањето на човековите права и заштитата од дискриминација.
Здравствениот сектор мора да обезбеди пристапна контрацепција за сите млади луѓе, особено за оние кои немаат можност самостојно да ја набават. Голем дел од младите луѓе се невработени или пак немаат постојани и доволно големи приходи за да можат редовно да купуваат контрацепција. Голем дел од младите луѓе, особено во руралните делови и во помалите градови не можат да дојдат до контрацепција без да патуваат. Сметаме дека младите луѓе од маргинализираните групи, како Роми, ЛГБТИ луѓе, сексуални работници, лица што живеат со ХИВ, припадници на други помали етнички заедници, лица што употребуваат дроги, девојчиња од рурални средини, жртви на родово засновано насилство и сексуално насилство, лица со попречености треба да бидат во фокусот на Министерството за здравство, и другите релевантни министерства, кога е во прашање контрацепцијата. За овие групи пристапот е дополнително отежнат поради стигма, социјална изолација и сегрегација. Со цел намалување на предрасудите и добивање на точни информации, засновани на докази, неопходно е да се унапреди образованието за сексуално и репродуктивно здравје и права. Од една страна, бараме конечно воведување на сеопфатно сексуално образование во формалното образование, а од друга страна бараме отстранување на дискриминаторските и застарени содржини од секој степен на образование и нивна замена со современи, релевантни и позитивни текстови кои отворено зборуваат за сексуалноста, ја промовираат еднаквоста и човековите права на сите. Од системот за социјална заштита бараме да се вклучи во овозможувањето на контрацепција за ранливите категории млади луѓе и доследно да ги спроведува политиките и законите за еднаквост и недискриминација. Унапредувањето на пристапот до информации поврзани со контрацепција е исклучително важно за зголемување на употребата, а особено на правилната употреба. Сметаме дека Министерството за здравство во соработка со останатите чинители треба континуирано да работи на дистрибуција на информации, преку медиумите, социјалните мрежи и здравствените институции.
Целта на овој документ е донесувачите на одлуки да ги чујат нашите барања и нашите потреби. Младите луѓе можат и треба да бидат вклучени во донесувањето на одлуки поврзани со нивното сексуално и репродуктивно здравје и права. Пресретнувањето на нашите потреби, но и потребите на жените и на маргинализираните групи е обврска на донесувачите на одлуки. Во демократско општество, доброто владеење подразбира суштинско вклучување на сите засегнати страни и креирање на политики согласно потребите. Со овој документ сакаме да ја промовираме потребата од унапредување на СРЗП преку афирмација на гласот и потребите на младите луѓе. Овој документ е наменет за донесувачите на одлуки, но исто така е наменет и за секој млад човек кој што сака да дознае повеќе и активно да се вклучи во нашите заложби за почитување на сексуалните и репородуктивни права на сите.