Пред вас е годишниот извештај на ХЕРА за работата на организацијата во 2024 година.
2024 година беше година на длабоки промени, но и на силна посветеност – година кога ХЕРА
продолжи да ја живее својата мисија: заштита и унапредување на човековите права, со фокус на
сексуалното и репродуктивното здравје, родовата еднаквост и социјалната правда. Во контекст на
зголемена политичка поларизација, рестриктивни политики и економски предизвици, нашата
визија за праведно општество остана светилник кој нѐ води напред.
Во 2024 година ја продлабочивме нашата улога како стратешки актер – глас на заедниците, мост
помеѓу институциите и граѓаните, и партнер за прогресивни реформи. Со нови сојузи, регионални
и меѓународни партнерства, ХЕРА се позиционираше не само како давател на услуги, туку и како
двигател на промени, особено во делот на родова еднаквост, младинско учество и демократија.
Нашата Стратешка рамка 2023–2028 година е компасот кој нѐ насочува кон одржливи системски
решенија. Преку иновативни пристапи во едукација, застапување и зајакнување на капацитетите
на заедниците, вложуваме во отпорноста и лидерството на ранливите групи, особено на жените,
младите и маргинализираните заедници. Особено сме горди на вклучувањето на младите во
процесите на креирање политики, регионални иницијативи, волонтерскиот активизам и ХЕРА
Млади кои се срцето на нашата организација.
Во изминатата година, преку соработка со јавниот сектор, граѓанските организации и
меѓународните партнери, успеавме да ги поддржиме реформските процеси, да овозможиме
пристап до услуги за илјадници корисници и да ги засилиме механизмите за отчетност на локално
и национално ниво.
Погледот кон иднината останува јасен: ХЕРА ќе продолжи да инвестира во солидарноста, во
колективната акција и во знаењето како средство за трансформација. Веруваме дека само преку
градење на демократски, праведни и инклузивни процеси можеме да создадеме трајна
општествена промена.
На сите соработници, партнери, волонтери и заедници – ви благодариме што сте дел од ова
патување. Заедно, сме посилни и поблиску до визијата за свет во кој секој човек има моќ и
ресурси да го живее својот живот достоинствено, без страв и без дискриминација.
Ти и јас во еден глас!
За сите активности и иницијативи кои ги спроведовме во текот на 2024 година, можете да
прочитате во годишниот извештај кој е достапен на македонски и англиски јазик.