Позадина
Зголемен е трендот на ширење дезинформации во однос на човековите права, недискриминацијата и демократските процеси, како и ширењето говор на омраза и врсничко насилство. Ова директно ги загрозува најранливите групи во општеството, нивното право на живот ослободен од насилство, правото на здравје, на информираност и образование, но и директно го напаѓа системот на демократски вредности и човекови права кои се основа за напредок и благосостојба на сите. Затоа, потребно е темелно да се запознаат граѓаните со позитивните аспекти и придобивки од унапредувањето на системските решенија за овие теми.
Во една демократска држава, граѓаните, граѓанското општество и медиумите имаат суштинска улога. Учеството и вклучувањето на граѓаните во демократските процеси треба да се поддржи и поттикне — преку нивно јакнење и информирање, но и преку донесување политики и мерки кои ќе им помогнат да бидат движечка сила на општеството. Оттука, оваа кампања бара пристап кој комбинира централизирано стратешко водство со автентични, истражувачки поткрепени содржини создадени заедно со етаблирани медиуми и независни креатори, со цел да се постигне и доверба и широк дофат.
Опис на активноста
Активноста има за цел да ги промовира демократските вредности и процеси и да ја информира јавноста за придобивките од политиките за превенција и заштита од дискриминација и насилство. Кампањата треба да придонесе кон широка поддршка на јавноста на концептот на човекови права, заштитата од дискриминација и грижата за менталното здравје, како и кон информираност и поддршка на започнатите системски позитивни реформи и иницирање нови политики за унапредување на човековите права.
Цели на кампањата
- Да се подигне јавната свест и разбирање за превенцијата и заштитата од дискриминација и насилство, со посебен фокус на најранливите групи.
- Да се спротивстави на дезинформациите и говорот на омраза преку проверени, истражувачки поткрепени и веродостојни содржини.
- Да се нормализира грижата за менталното здравје и да се промовираат демократските вредности и граѓанското учество.
- Да се постигне мерлив дофат и ангажман кај повеќејазична публика (македонски, албански, англиски и јазици на заедниците), преку комбинација на централни и партнерски канали.
Модел на спроведување
Кампањата се спроведува преку двослоен модел кој ХЕРА го смета за клучен за постигнување и на кредибилитет и на дофат:
- Централен слој (носител: избраниот понудувач, во соработка со назначениот раководител на проектот од страна на ХЕРА): стратегија, голема идеја, клучни пораки, клучен визуелен идентитет, продукција на носечка (херо) содржина, водење на централните канали, односи со јавност, координација и вкупно управување со кампањата.
- Партнерски слој (мрежа на етаблирани медиуми и независни креатори на содржини, ангажирани преку понудувачот): спроведување истражување на темата и продуцирање на СОПСТВЕНИ содржини и формати — видеа, дискусии и дебати, улични анкети (vox-pop), подкасти и аналитички прилози — објавени на нивните сопствени канали, со цел автентичност, доверба и органски дофат кај различни публики.
Понудувачот е одговорен за селекција, ангажирање, брифирање и обезбедување уредувачки интегритет и усогласеност на партнерскиот слој со наративот и етичките стандарди на кампањата, без притоа да се загрози независноста и веродостојноста на медиумските партнери.
Потребни квалификации (услови за подобност)
Со цел да се обезбеди капацитет соодветен на сложеноста и сензитивноста на кампањата, понудувачот мора да ги исполнува следните услови:
- Активна компанија, формирана согласно законите на Република Северна Македонија, која постои и активно работи најмалку три (3) години.
- Реализирани најмалку пет (5) креативни проекти и најмалку пет (5) кампањи, од кои најмалку три (3) на општествено значајни теми — човекови права, недискриминација, родова еднаквост, ментално здравје, демократски вредности или граѓанско учество.
- Мултидисциплинарен интерен (in-house) тим со најмалку петнаесет (15) вработени кои ги покриваат стратегијата, социјалните медиуми, копирајтингот, дизајнот, видео-продукцијата, односите со јавност и аналитиката. Клучните креативни и стратешки услуги мора да се изведуваат интерно, без подизведувачи.
- Ангажиран сениор раководител на проектот / стратешки консултант со најмалку десет (10) години искуство и докажано водство на национални комуникациски кампањи.
- Докажана мрежа на етаблирани медиумски партнери и независни креатори на содржини, способни да спроведат истражување и да продуцираат сопствени формати (видео, подкаст, улични анкети, дискусии, аналитички прилози).
- Капацитет за полилингвална продукција (македонски, албански и англиски јазик) и продукција на содржини за заедниците.
- Докажано портфолио во изработка на исти/слични продукти и кампањи, со мерливи резултати.
Задачи
Избраниот понудувач, во соработка со назначениот раководител на проектот и програмскиот тим на ХЕРА, ги презема следните задачи:
- Да соработува и да ги следи насоките за изработка и спроведување на кампањата од лицето назначено од ХЕРА и да обезбеди редовна координација и известување.
- Да спроведе анализа на контекстот и целната публика (вклучително истражувачки/инсајт компонента) која ќе ги информира пораките и содржините на кампањата.
- Да изработи целосна стратегија на кампањата: позиционирање, голема идеја, комуникациски столбови, сегментација на целните групи, стратегија на канали и содржини, и временска рамка.
- Да изработи маркетинг план, слоган и визуелен идентитет (клучен визуел) на кампањата во согласност со насоките од програмскиот тим.
- Да продуцира носечка (херо) аудио-визуелна и дигитална содржина и да ги води централните канали на кампањата.
- Да понуди креативни решенија за медиумски продукти за постигнување на целите на кампањата, изработени на македонски, албански и англиски јазик и други во согласност со потребите на заедниците.
- Да воспостави, ангажира и координира мрежа од етаблирани медиумски партнери и независни креатори кои ќе спроведат истражување на темата и ќе продуцираат сопствени содржини и формати (видеа, дискусии, улични анкети, подкасти, аналитички прилози) усогласени со наративот на кампањата, објавени на нивните канали.
- Да обезбеди дистрибуција на содржините преку партнерските и централните канали, вклучително односи со јавност, ангажирање на медиуми и креатори и (по потреба) платена промоција.
- Да обезбеди инклузивност и пристапност на содржините (титлување, знаковен јазик, лесно разбирлив јазик и пристапни формати) и повеќејазичност.
- Да воспостави етички протокол и управување со ризик за сензитивните теми (дискриминација, насилство, ментално здравје), вклучително процес на уредувачка проверка и одобрување на содржините.
- Да воспостави рамка за следење, мерење и евалуација (KPI), да го следи спроведувањето и да изработи финален извештај со резултати и препораки.
- Да обезбеди управување со проектот, почитување на роковите и усогласеност со визуелниот и наративниот идентитет на кампањата.
Инклузивност, пристапност и повеќејазичност
Сите клучни содржини мора да бидат достапни на македонски, албански и англиски јазик, а по потреба и на јазиците на заедниците. Содржините треба да применуваат принципи на пристапност (титли, знаковен јазик каде е применливо, лесно разбирлив јазик, алтернативен текст) за да бидат достапни и за лицата со попреченост.
Етика, безбедност на брендот и управување со ризик
Со оглед на сензитивноста на темите, понудувачот мора да предложи етички протокол и план за управување со ризик: уредувачки насоки и проверка на содржините пред објава, заштита на достоинството на ранливите групи, спречување на секундарна виктимизација, усогласеност со етичките стандарди на медиумите, како и процес на одобрување со програмскиот тим на ХЕРА.
Следење, мерење и евалуација
Понудувачот мора да предложи рамка со јасни индикатори (KPI) за дофат, ангажман, перцепција и промена на ставовите, механизам за прибирање податоци од централните и партнерските канали, и финален извештај со анализа на резултатите и препораки за понатамошни политики и комуникации.
Временска рамка
Работата на оваа активност се очекува да биде спроведена во периодот септември – декември 2026 година, индикативно во три фази:
- Фаза 1 (септември 2026): истражување/инсајт, стратегија, голема идеја, клучни пораки и клучен визуел; воспоставување на партнерската мрежа.
- Фаза 2 (октомври – ноември 2026): продукција на носечка содржина, активирање на медиумските партнери и креатори, дистрибуција и односи со јавност.
- Фаза 3 (декември 2026): засилување, финална дистрибуција, мерење, евалуација и финален извештај.
Потребна документација за аплицирање
При аплицирањето, заинтересираните компании треба да достават:
- Краток опис на компанијата, со информација за интерен капацитет (број на вработени и организациска шема).
- Портфолио со сработени кампањи за дигитални медиуми, со посебен осврт на теми од демократија, граѓанско учество, родова еднаквост, човекови права и ментално здравје, вклучително најмалку три (3) прикази на случај (case studies) со мерливи резултати.
- Биографии на клучниот тим што ќе биде ангажиран на активноста, вклучително CV на сениор раководителот на проектот / стратешкиот лид.
- Детален предлог-концепт за медиумската кампања: стратегија, голема идеја, клучни пораки, целни групи, канали, клучен визуел и предложени содржински формати.
- План за мрежа на медиумски партнери и независни креатори, со писма за намера (letters of intent) или потврди за подготвеност за соработка од најмалку три (3) партнери/креатори.
- Опис на истражувачката методологија/пристап за инсајтите на кампањата.
- План за инклузивност и пристапност.
- Етички протокол и план за управување со ризик за сензитивните теми.
- Рамка за следење, мерење и евалуација со предложени индикатори (KPI).
- Детална финансиска понуда по ставки, со посебно издвоени трошоци за трети страни (медиумски партнери, независни креатори, продукција и медиумски закуп).
- Тековна состојба не постара од шест (6) месеци.
Целокупната документација треба да биде доставена на англиски јазик во електронска форма. Предвид ќе бидат земени само оние понуди од правни лица кои ги исполнуваат условите и кои ќе испратат комплетна документација.
Евалуација на понудите
Евалуацијата на пристигнатите понуди ќе ја спроведе комисија формирана од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Понудите ќе се оценуваат во три последователни фази: (1) административна проверка и проверка на подобноста; (2) техничка евалуација; (3) финансиска евалуација и конечно рангирање.
Максималниот број поени што може да ги освои една понуда изнесува 100 поени, од кои: техничка понуда — максимум 70 поени и финансиска понуда — максимум 30 поени. Договор ќе биде склучен со понудувачот чија понуда ќе освои најголем вкупен број поени и ќе претставува најдобар сооднос помеѓу квалитетот и цената.
1. Административна проверка и проверка на подобноста
Во првата фаза, според принципот „исполнува/не исполнува“, ќе се проверува дали:
- Понудувачот е регистрирано правно лице согласно законите на Република Северна Македонија и активно работи најмалку три години;
- Понудувачот има реализирано најмалку пет креативни проекти и пет кампањи (од кои најмалку три на релевантни општествени теми);
- Понудувачот има интерен тим од најмалку 15 вработени лица и ги обезбедува клучните услуги без подизведувачи;
- Е доставен краток опис на компанијата, релевантно портфолио и најмалку три прикази на случај;
- Се доставени биографии на клучниот тим и CV на сениор раководителот на проектот;
- Е доставен детален предлог-концепт, план за партнерска мрежа со писма за намера, истражувачки пристап, план за инклузивност, етички протокол и рамка за мерење;
- Е доставена детална финансиска понуда по ставки со издвоени трошоци за трети страни;
- Е доставена тековна состојба не постара од шест месеци, во бараниот формат и јазик, во утврдениот рок.
Понудите што не ги исполнуваат задолжителните административни услови или не ја содржат целокупната задолжителна документација нема да бидат предмет на понатамошна техничка и финансиска евалуација.
2. Техничка евалуација – максимум 70 поени
Техничката евалуација се врши врз основа на квалитетот на предлог-концептот, предложениот пристап за реализација, искуството и капацитетот на понудувачот, силата на предложената мрежа на медиумски партнери и предложениот начин на следење на резултатите.
| Критериум за техничка евалуација | Поени |
|---|---|
| 1. Разбирање на контекстот, целите и задачите | 5 |
| 2. Квалитет и стратешка издржаност на креативниот концепт | 10 |
| 3. Креативност, оригиналност и препознатливост | 5 |
| 4. Квалитет и јасност на клучните пораки | 5 |
| 5. Дефинирање и сегментација на целните групи и истражувачки пристап | 5 |
| 6. Комуникациска и медиумска стратегија | 5 |
| 7. Мрежа на медиумски партнери и независни креатори (истражување + сопствени формати) | 7 |
| 8. Предложени медиумски и комуникациски продукти | 5 |
| 9. Инклузивност, пристапност и повеќејазичност (МК/АЛ/АНГ + заедници) | 5 |
| 10. Капацитет на тимот, клучни експерти и работа без подизведувачи за клучните креативни услуги | 8 |
| 11. Методологија, план за работа и временска рамка | 5 |
| 12. Следење, мерење и евалуација на резултатите | 5 |
| ВКУПНО ТЕХНИЧКА ПОНУДА | 70 |
Минимален праг за технички квалитет: за понудата да продолжи во фазата на финансиска евалуација, мора да освои најмалку 49 од можните 70 поени (најмалку 70%). Финансиските понуди на понудувачите што не го достигнале минималниот технички праг нема да бидат земени предвид при конечното рангирање.
3. Финансиска евалуација – максимум 30 поени
Финансиска евалуација ќе се спроведе само за понудите што го достигнале минималниот праг за технички квалитет. Финансиската понуда треба да биде: јасна и детално разработена по ставки; поврзана со предложените активности, продукти и резултати; реална и економична; со јасно наведени сите трошоци (вклучително издвоени трошоци за трети страни); со јасно наведена вкупна цена; и во рамките на расположливиот буџет и соодветна на обемот на предложените активности и резултати.
Финансиската понуда се доставува во денари. Цените се изразуваат со вклучен ДДВ. Доколку понудувачот не е обврзник за ДДВ, тоа треба јасно да го наведе. Понудувачот со најниска прифатлива финансиска понуда ќе добие максимални 30 поени; останатите се оценуваат според формулата: Финансиски поени = најниска прифатлива понуда / понуда што се оценува × 30.
Евалуационата комисија ќе го извести само кандидатот чија понуда ќе биде избрана.
Пријавување
Комплетната понуда, апликантите треба да ја испратат на e-mail: konkurs@hera.org.mk најдоцна до 17 август 2026 г. 16:00 часот, со назнака предмет на пораката Понуда за ангажирање на правно лице за креирање и спроведување на кампања за подигање на јавната свест за превенција и заштита од дискриминација и насилство. Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени во предвид.
